• среда, 25 декември 2024

Македонското друштво „Илинден“ - Тирана со благодарност до МСМЈЛК при УКИМ

Македонското друштво „Илинден“ - Тирана со благодарност до МСМЈЛК при УКИМ

Дебар, 29 август 2023 (МИА) - Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, од името на сите Македонци кои живеат во Албанија, упатува голема благодарност до Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ и до директорката, Весна Мојсова-Чепишевска. Тоа, за огромната посветеност, залагањата и проактивниот однос, без што немаше да се оствари иницијативата за повторно отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана, подвлекуваат од друштвото.

- Она за што мислевме дека би биле потребни децении или години, МСМЈЛК при УКИМ, успеа да го постигне за само неколку месеци. И со тоа и да покаже што е вистинска борба за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура и како вистински се работи за заштита на македонскиот идентитет. Од осамостојувањето на нашата македонска држава, досега, ние, Македонците од Албанија, не паметиме друг пример кога македонските институции со олкава посветеност и брзина, одговориле на наше барање или иницијатива и тоа со конкретен резултат кој не е важен само за нас, туку е важен и за македонската држава и за македонистиката, наведува друштвото.

Тоа оценува дека со залагањата со што се успеало да се дојде до одобрување за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик во Тирана, МСМЈЛК при УКИМ ја враќа вербата дека „има институции што знаат да работат и вистински да се залагаат“.

- Кога минатата година ја покренавме иницијативата за повторно отворање на Лекторатот и кога во декември 2022 година доставивме официјално барање, не ни помислувавме дека нашата најголема желба, на Универзитетот во Тирана да се слушне македонскиот збор, толку брзо ќе се оствари. Мислевме оти за тоа ќе бидат потребни барем неколку години и дека остварувањето на иницијативата е неизвесно. Но, наместо нашето барање да заглави во фиоките на архивите, уште од првиот ден, МСМЈЛК при УКИМ започна активности што беа потребни за остварување на иницијативата, додаваат од друштвото.

Притоа, додаваат, МСМЈЛК се залагаше и за дипломатски заложби за Лекторатот. Во сите изминати месеци, предводен од директорката, Мојсова-Чепишевска, како што истакнуваат, го изоде патот што нè доведе до одобрувањето од Факултетот за странски јазици во Тирана за повторно отворање на Лекторат по македонски јазик.

-  Убедени сме дека тој пат не беше ниту лесен, ниту без препреки, ниту краток, но упорноста и решеноста да се оствари оваа иницијатива го даде потребниот резултат. Желбата и решеноста да се отвори овој Лекторат не беше само наша, туку и на МСМЈЛК при УКИМ, заради определбата да има лекторати секаде каде што има интерес за македонскиот јазик, литература и култура, нагласуваат од друштвото.

Нашиот голем сон, како што велат, веќе е остварен - одобрено е отворањето на Лекторатот.

- Сега ќе претстои нов предизвик. Тој Лекторат, на кој ќе може македонскиот јазик да го изучуваат сите заинтересирани студенти во Тирана, кои се многубројни, по доаѓањето на лектор ќе треба да се развива. За навистина да е средиште на македонско-албанските културни и научни врски и центар за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во Албанија, посочуваат од друштвото.

Веруваме, порачуваат, дека и тоа е возможно и тоа „само ако се работи со посветеност и залагања со какви што работи МСМЈЛК при УКИМ“.

- Од исклучителна важност е брзото темпо, со кое се одвиваше остварувањето на иницијативата, сега да стане темпо со кое во првите години по повторното отворање на Лекторатот, ќе се развиваат соработката и самиот Лекторат. Затоа што се покажа дека само така се постигнуваат вистински резултати. Упатувајќи ја нашата неизмерна благодарност, ја искажуваме и нашата убеденост дека тоа ќе се случи со залагањата на МСМЈЛК. Уште еднаш, до нив упатуваме огромна благодарност. Со нивните залагања се случи нешто што за нас има историско значење, потенцираат од друштвото. вт/бд/

Фото: МД „Илинден“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан