• петок, 20 декември 2024

Македонската амбасада во Тирана: Треба да продолжиме да го негуваме и промовираме македонскиот јазик, бидејќи неговата иднина е во нашите раце

Македонската амбасада во Тирана: Треба да продолжиме да го негуваме и промовираме македонскиот јазик, бидејќи неговата иднина е во нашите раце

Дебар, 19 декември 2024 (МИА) - Македонската амбасада во Тирана во објавата по повод одржувањето на Научната конференција за јубилејот 80 години образование на македонски јазик во Албанија, што се одржа во Корча, наведува дека „треба да продолжиме да го негуваме и промовираме македонскиот јазик, бидејќи неговата иднина е во нашите раце“.

- Меѓу присутните Македонци можеше да се почувствува гордост, затоа што овој значаен датум е сведоштво за истрајноста на македонскиот народ да го зачува својот мајчин јазик, а преку него и македонската култура и идентитет, стои во објавата.

Се додава дека во текот на изминатите осум децении, македонскиот јазик стана мост што ги поврзува генерациите, градејќи ја врската меѓу минатото, сегашноста и најважно иднината. 

-Тоа не е само средство за комуникација, туку симбол на македонската историја, традиција и заедништво, се посочува понатаму.

Од говорниците на овој значаен настан, се нагласува,  беше искажана благодарност, до сите учители, ученици и сите оние кои со својата работа придонесоа мајчиниот македонски јазик да продолжи да се изучува и да живее на овие простори. 

- Ова е доказ дека културната и јазичната разновидност се богатство а не пречка. Треба да продолжиме да го негуваме и промовираме македонскиот јазик, бидејќи неговата иднина е во нашите раце. Нека овој јубилеј биде поттик за уште поголема посветеност и зајакнување на македонскиот идентитет во Република Албанија, се нагласува во објавата на амбасадата. 

На научната конференција покрај многуте гости присуствуваше заменик министерот за надворешни работи и трговија, Зоран Димитровски, в.д. македонскиот амбасадор  во Тирана, Љуфтим Спахиу, директорката на КИЦ во Тирана Емилија Потеска- Попивода, градоначалникот на Пустец Пали Колефски, универзитески професори и од двете земји.

Организатори на Конференцијата беа  македонското друштво „Сонце“ од Корча, во соработка со Универзитетот „Фан С. Ноли“ од истиот град, како и „Мрежата за промоција на јазичната различност” од Брисел. вт/дма/

Фото: Амбасада на РСМ

 

 

Остани поврзан