• четврток, 07 ноември 2024

Луиџи Сореца повторно на чело на мисијата на ЕУ во Албанија

Луиџи Сореца повторно на чело на мисијата на ЕУ во Албанија

Тирана, 4 септември 2023 (МИА) - Поранешниот евроамбасадор Луиџи Сореца повторно се врати во Тирана, каде ќе остане се до доаѓањето на новиот амбасадор кој ќе ја предводи делегацијата на ЕУ.

Во објава на делегацијата на ЕУ на социјалните мрежи, се наведува дека на средбата со делегацијата, Сореца ја нагласил цврстата поддршка за Албанија и промовирањето на важните реформи кои ќе ја внесат земјата во ЕУ.

- Чест и привилегија е повторно да бидам во Тирана, во овој особено важен момент за проширувањето на ЕУ и за процесот на интеграција на Албанија во ЕУ, како и претстојниот Самит на Берлинскиот процес што ќе се одржи во Тирана. Европската унија цврсто стои до Албанија во консолидирање на постигнатиот напредок, продлабочување на трансформацијата на земјата и промовирање важни реформи кои ќе ја внесат Албанија во ЕУ, рече евроамбасадорот Сореца.

Тој замина од Тирана пред нешто повеќе од една година, а доаѓа на местото на амбасадорката Кристине Хохман, која ја напушта Албанија пред истекот на мандатот.

Сореца првпат во Тирана пристигна во септември 2018 година, со долгогодишно искуство во миграциските и безбедносните прашања, а ја наследи евроамбасадорката Романа Влахутин.

- За време на неговиот 42- месечен престој во нашата земја како амбасадор на ЕУ, беше вклучен во прашањето за реформите во правосудството, како и борбата против корупцијата и организираниот криминал, заедно со американската амбасадорка Јури Ким, која неодамна замина на нова должност во Стејт департментот, наведуваат албанските медиуми.

Како што се додава, враќањето на Сореца во Албанија „доаѓа во важен момент во контекст на процесот на интеграција на Албанија во Европската унија“. вт/паг/

Фото: Мисија на ЕУ во Тирана 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан