• сабота, 23 ноември 2024

Литургија на помирување за возобновување на канонското единство на СПЦ и МПЦ-ОА по 55-годишниот спор

Литургија на помирување за возобновување на канонското единство на СПЦ и МПЦ-ОА по 55-годишниот спор
Скопје, 20 мај 2022 (МИА) - Со вчерашната заедничка архијерејска литургија на помирување во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, со која чиноначалствуваа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски г.г.Стефан, е потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење. Во литургиската беседа, српскиот патријарх Порфирије рече дека е зацелена длабоката и болна рана на расколот и оти се случило чудо Божјо. Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, пак, кажа дека е воспоставено единството со СПЦ, а со тоа и со сите православни цркви и изрази надеж дека деновиве ќе биде и радосната вест за афтокефалност на МПЦ-ОА. Литургијата се одржа откако завчера Синодот на МПЦ-ОА ја прифати поканата на СПЦ за служење литургија на помирување, чиј Синод претходни прифати статус - најширока можна автономија за македонската црква, со што се става крај на 55-годишниот спор меѓу двете сестрински цркви  На заедничка литургија на поглаварите на МПЦ-ОА и на СПЦ и на владици од двете цркви во храмот „Свети Сава“ во Белград, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан во своето обраќање ѝ се заблагодари на СПЦ за тоа што ја поздравила одлуката на Вселенската патријаршија. – Му благодариме на Бога што, еве, се исполни времето, па наидовме на братољубиво разбирање и кај Неговата Светост, патријархот г. Порфириј, заедно со членовите на Соборот на Српската православна црква, кои, само по неколку дена од донесениот акт на Синодот на Вселенската патријаршија, раководен од Неговата Сесветост патријархот г.г. Вартоломеј и во истиот тој дух, донесоа одлука за воспоставување евхаристичко и канонско единство помеѓу нашите помесни цркви, истакна во својот говор архиепископот Стефан. Поглаварот на МПЦ-ОА истакна и дека затоа му е благодарен на Бога што го чу гласот од молитвите на народот, што ги виде и трпението, и верата, и надежта, и љубовта и не нè лиши од неговото благоволение. Тој порача дека македонската црква ќе го продолжи патот што води кон мир и конечно решение на автокефалноста на МПЦ-ОА. Српскиот патријарх Порфириј во својата беседа го истакна единството во православието и радоста од „исцелување на расколот со МПЦ која траеше 55 години.“ Имавме раскол кој траеше 55 години со нашите браќа од Македонија и таа рана беше длабока и болеше. Со таа рана размислувавме, легнуваме и станувавме во исчекување и копнеж да зацели. Затоа велам дека тоа е чудо, чудо Божје. Тоа е дар Божји. Разбравме дека раната е нанесена со нашите постапки и затоа се обративме на господ и на свети Сава да го направат тоа што нам не ни поаѓа од рака. И во тој момент кога помисливме така, се случи чудо неочекувано. Да се ​​радуваме и да се веселиме, браќа и сестри, зашто денес се радува црковната полнота, небото и земјата, се радуваат сите светии, свети Сава и сите кои се засадени во неговиот корен, рече партијархот Порфириј во храмот „Свети Сава“. На архијерејската литургија, покрај српските и македонските владици, присуствуваше и архиепископот Јован (Вранишкоски) од ПОА, кој изјави дека не знае кога бил порадосен, дали кога го примил Томосот од СПЦ или денеска, додавајќи дека сепак кога би морал да избира би го избрал денешниот ден. На литургијата во Соборниот храм „Свети Сава“ беа присутни повеќе илјади верници, меѓу кои имаше забележително присуство и на верници од земјава. На 9 мај, Вселенската патријаршија ја призна канонската природа на Македонската православна црква - Охридската архиепископија, со што по 55 години му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви. Оваа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на црквата, туку е „израз на татковската љубов и грижа на Вселенската патријаршија“ и најава дека МПЦ повеќе не е во раскол со целиот православен свет и дека македонските свештеници можат да служат со свештениците од другите православни цркви. Синодот на СПЦ, на 16 мај, соопшти дека го прифаќа статусот на најширока можна автономија на Македонската црква, односно целосна внатрешна независност, која и беше доделена уште во 1959 година. Највисокиот црковен орган на српската црква соопшти дека во дијалогот за иден и евентуален конечен канонски статус, СПЦ ќе се води исклучиво од еклисиолошко-канонските и црковно-пасторалните принципи, стандарди и норми. Спорот меѓу двете сестрински цркви почна откако на на 17 јули 1967 година, Светиот синод на МПЦ во Охрид, го свика Третиот црковно-народен собор и на свечената седница во охридската црква „Св. Климент“ ја прогласи Македонската православна црква за автокефална. По завршувањето на соборот, откако биле подготвени сите акти во врска со прогласувањето на автокефалноста, со писмо од 31 август 1967 година Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква го запознал Светиот архиерејскиот собор на Српската православна црква со својата одлука. Како одговор на ова, на вонредна седница одржана на 14 и 15 септември 1967 година, Светиот архиерејскиот собор на СПЦ ги прогласи епископите на Македонската православна црква за расколничка организација и го прекина богослужбеното и канонското единство. Педесет и петгодишниот раскол конечно е завршен со овонеделната одлука на СПЦ за повторно воспотавување литургиско и канонско општење со МПЦ-ОА и заедничката архиерејсла литургија во храмот „Свети Сава“. Со одлуката на Синодот на СПЦ, МПЦ-ОА добива најширока автономија и целосна внатрешна независност, но не и автокефалност, што е главната цел на македонската црква. ир/са/ Фото: спц.рс/твхрам.рс/миа

Остани поврзан