• среда, 25 декември 2024

Лидерската средба без договор за уставни измени

Лидерската средба без договор за уставни измени
Скопје, 8 ноември 2022 (МИА)  -  Без договор за уставни измени и заеднички заклучоци, но со поединечни барања, меѓу кои и за предвремени парламентарни избори и за официјално барање од Софија за признавање на македонското малцинство, заврши лидерската средба што на иницијатива на премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски се одржа вчера во Собранието. На поканата на премиерот за средбата која ја иницираше за дискусија за европската иднина на државата и за одлуките што треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус не се одзваа само лидерите на Левица Димитар Апасиев и на Беса Биљал Касами. Пред лидерите беа изнесени детали за евроинтеграциите, справувањето со енергетската криза, основните претпоставки во буџетот за 2023 година, антикризните мерки, а претседателот на Собранието ги објаснил и процедурите и постапките за евентуални уставни промени во државата. Ковачевски, по средбата, изјави дека побарал договор за национално единство за ЕУ и одговорност од сите, Собранието да функционира непречено, сите пратеници да се вклучат во носење на законите, а темата за ЕУ да не биде терен за дневна политика. Нема заеднички заклучоци од средбата со кои побарал од парламентарните партии зачленувањето во ЕУ да се смета за надпартиски интерес и сите чинители да дадат целосна поддршка. За него е клучно што се седнало на маса и се разговарало и тоа според него е позитивен сигнал и кон граѓаните. -Потребна ни е инклузивност и по темата за ЕУ секако, а не терен за политички борби и пресметки. Не смееме да дозволиме уставните измени на кои се обврзавме со европскиот предлог со заклучоците од Собранието, да бидат пречка која самите ќе си ја поставиме. Првпат одлуките зависат само од нас, а блокадата ако се случи, ќе ја направиме ние. Вие веќе знаете, доколку ги изгласаме уставните измени, автоматски одиме понатаму, се отвораат кластерите, без потреба од нова одлука и без можност за нова блокада од Бугарија. Треба да бидеме мудри и да го искористиме поволниот момент и атмосфера која ја има во ЕУ во наша полза, изјави Ковачевски по средбата. Истакнувајќи дека не може да каже како ќе се однесуваат политичките партии во однос на одлуките што треба да се носат, а се однесуваат на ЕУ и уставните измени, рече дека верува оти РСМ ќе изнајде сила за да може да продолжи по својот европски пат. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, го повтори барањето за предвремени парламентарни избори, што според него е логично бидејќи власта нема мнозинство за  уставни измени. - Мнозинството нема мнозинство за уставни измени и водејќи се од овој заклучок логичен след на настаните е Парламентот да се распушти, да формираме техничка влада и да одиме на предвремени парламентрани избори, изјави Мицкоски. Тој ја криткуваше власта дека наместо за реални проблеми на граѓаните на лидерската се разговарале за отворање на Уставот и бараните уставни измени. Нагалси дека е задоцнета средбата бидејќи како што рече, консултации со парламентарни политички партии, се прават пред да се носат одлуки. Го поддржал предложениот заклучок што го изнел на средбата пратеникот и претседател на Демократски Сојуз, Павле Трајанов  да се побара од бугарската Влада да го признае македонското малцинство во Бугарија и при тоа, да ги признае правата кои што се резултат на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур. За Трајанов, во целина добро е што претседателите на политичките партии разговарале, но проблемот е што за ниту едно прашање не се изградил заеднички став. Смета дека ваквите разговори треба да продолжат и дека е потребно да се направи дополнителен напор  и од СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и другите партии доколку сакаме единство. Тој рече дека не се противи Бугарите да влезат во Уставот, но нагалси тоа да биде реципрочно и за Македонците во Бугарија. Сугерирал и формирање на широка коалициска влада, но рече дека ДС не е таква политичка партија која може тој став да го наметне. Предложил да има предвремени избори доколку не се постигне консензус за овие прашања. Сепак, како што посочи, опстојувањето на Владата и мнозинството не зависи само од него или само од бројките. Додаде дека уште една партија чека за влез во Владата. Коалицискиот партнер на Ковачевски и лидер на Демократската унија за интеграција Али Ахмети рече дека на средбата доминирала отворена и конструктивна дебата, смиреност и рационалност и посочи дека треба да продолжат ваквите средби до приближување на разликите меѓу мнозинството и малцинството. – Се дебатираше за сите теми. Според моите процени, не мора да значи дека на една средба да ги оценуваме сите разлики и се разбира дека разлики имаше, меѓутоа се надевам дека оваа средба нема да биде последна, туку да се продолжи со ваквите средби се до приближување на разликите кои што постојат меѓу политичките партии за да се гради заедничка стратегија за тоа како да ја промениме денешницата, со еден подобар напредок и прогрес во иднина. Доминираше смиреноста и рационалноста и тоа ми остави впечаток од оваа средба. Посакувам оваа смиреност да продолжи до приближување на разликите меѓу мнозинството и малцинството,  изјави Ахмети. На средбата е разговарано и за барањето за бришење на формулацијата „20 проценти“ од Уставот, но според Ахемти, треба да се видат приоритететите во ситуацијата во која се наоѓаме. – Да, се разговараше, меѓутоа над се приоритет се даде на уставните измени и штом се отвори една таква дискусија се разбира дека треба да се видат приоритетите во ситуацијата во која се наоѓаме и за тоа ќе градиме ставови околу оваа прашање, рече Ахмети, на новинарско прашање по средбата. Според в.д. претседателот на Алијансата на Албанците  Арбен Таравари, разговорите биле добар знак за целиот процес да биде што поинклузивен и потранспарентен. Смета дека уставните измени  не треба да се гледаат како ризик туку како можност за државата. -Мислам дека требаше уште порано да има дебата меѓу политичките партии. Меѓутоа никогаш не е доцна. Се надевам дека дебата ќе продолжи, бидејќи ние сме на пат за ЕУ и немаме друга алтернатива. Како Алијанса за Албанците апсолутно го поддржуваме овој процес и ќе бидеме тие коишто ќе помогнат со сите сили коишто можеме. Мислиме дека нема алтернатива за Македонија друга алтернатива освен ЕУ. Затоа и промените, уставните промени коишто треба да се случуваат не треба да се видат како ризик за државата, туку напротив како можност, како можност за да има што повеќе етнички заедници застапени во Преамбулата на Уставот на РМ, изјави Таравари. Дебатата за отворање на Уставот, според него, е добра можност да се тргне процентот за употребата на албански јазик. -Мислам дека е коректно нашите македонски сограѓани да покажат пред се респект кон нивните сожители, кои сме 30 проценти од вкупната бројка на жители коишто живеат во Македонија. И мислам дека е достоинствено да се употребува албански јазик, а не бројки или проценти, рече Таравари. Непосредно пред одржувањето на лидерската средба претседателот на Движењето БЕСА Биљал Касами, на прес-конференција рече дака нема да учествува на неа бидејќи смета дека таа е формалност за да се спаси ДУИ и ја игра улогата на спасител на ДУИ. – Таа средба е формалност за да се спаси ДУИ од обврската да седне на маса со претставниците на албанските партии, на која претставникот на ДУИ требаше да даде отчет за реализација за преземените обврски со договорот, во кој, како услов беше вклучување на албанскиот јазик во Уставот на земјата, рече Касами. Касами потенцира дека Движењето БЕСА секогаш останува отворена и подготвена на соочување преку дијалог да ги реши прашањата за правата на народите кои се од витално значење и меѓународно загарантирани. -Повторуваме дека немаме дилеми во интегративните ориентации, но нема да дозволиме албанскиот народ да биде третиран со понижување во Уставот на државата. Ние сме државотворен народ и како такви ќе мора да бидеме третирани и почитувани од законите во државата, рече Касами, информирајќи дека на иницираната средба од Движењето БЕСА до сите албански политички партии ниту една од партиите не одговорила позитивно. Премиерот Ковачевски, во телевизиско гостување по лидерската средба сумираше дека нејзиното одржување е позитивен сигнал кон граѓаните и најави одржување и на други средби во тој формат. -Нормално е да има различни политички ставови, доколку се седи, доколку се разговара, тогаш и добар дел од тие политички ставови можеби во иднина и ќе бидат приближени. Ќе има нови лидерски средби, апсолутно, ние и честопати сме разговарале со лидерите на политичките партии, јас редовно разговарам со нив, меѓутоа сметам дека овој формат денеска се покажа како добар за да секој може да ги каже своите политички ставови по однос на најважните прашања, рече Ковачевски. лв/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан