• четврток, 07 ноември 2024

Лидерите на ЕУ и ја честитаа победата на Санду на претседателските избори во Молдавија 

Лидерите на ЕУ и ја честитаа победата на Санду на претседателските избори во Молдавија 

Брисел, 4 ноември 2024 (МИА) – Лидерите на европските институции претпладнево во одделни објави на платформата Икс и ја честитаа на молдавската претседателка Маја Санду победата во вчерашниот втор круг на претседателските избори во Молдавија. 

- Честитки, почитувана претседателке Маја Санду за Вашата победа на претседателските избори во Молдавија, наведе претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во објавата. 

Според него, со поддршката за Санду народот на Молдавија ја потврдил довербата во нејзиното лидерство, стабилноста и посветеноста на европската иднина. 

Со зборовите „честитки, драга Маја Санду“, победата на изборите на шефицата на молдавската држава и ја честиташе и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен 

- Потребен е редок вид на сила за да се надминат предизвиците со кои се соочивте на овие избори. Мило ми е што продолжувам да работам со вас кон европската иднина за Молдавија и на нејзиниот народ, потенцира Фон дер Лајен во објавата. 

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола наведе дека Санду, која ги предводеше зајакнувањето на демократијата, владеењето на правото и европската иднина, е реизбран за претседателка. 

- Таа покажа извонредна храброст и лидерство да застане во одбрана на својот народ. Европа ќе продолжи да стои крај Молдавија на овој пат, порача Мецола. 

Според високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел, со реизборот на Санду, Молдавците уште еднаш ја покажале својата решеност да градат европска иднина и покрај хибридните обиди да се поткопа демократијата. 

Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, пак, упатувајќи и „срдечни честитки“ на Санду за нејзиниот реизбор, наведе дека ЕУ продолжува да ја поддржува Молдавија на нејзиниот европски пат. 

Според резултатите од 99,86 отсто преброени гласачки ливчиња, на вчерашниот втор круг од претседателските избори актуелната молдавска претседателка Санду, која настапи како независна кандидат поддржана од владејачката либерална Партија за акција и солидарност (ПАС), освоила 55,41 отсто од гласовите. За нејзиниот противкандидат, независниот Александр Стојаногло, поддржан од проруската опозициска Партија на социјалистите (ПС), пак, гласале 44,59 проценти од гласачите. сп/

Фото: Икс

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан