• сабота, 23 ноември 2024

Лета: ЕУ нема време за губење, да им помогнеме на работниците и да ги поттикнеме иновациите 

Лета: ЕУ нема време за губење, да им помогнеме на работниците и да ги поттикнеме иновациите 

Брисел, 18 април 2024 (МИА) - Економскиот јаз меѓу ЕУ и САД станува се поголем, па затоа Унијата „нема време за губење“, порача претпладнево претседателот на Институтот „Жак Делор“ и поранешен италијански премиер Енрико Лета, кој во придружба на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел пристигна на вториот ден од Специјалниот самит на Унијата. 

Токму, Извештајот за иднината на единствениот европски пазар подготвен од Лета ќе биде главна тема за која ќе расправаат шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ на денешното продолжение на Европскиот совет. 

- Јазот меѓу Европската Унија и САД во однос на економските перформанси станува се поголем и поголем, додаде Лета. 

Тој истакна дека затоа е неопходно зајакнување единствениот европски пазар преку елиминација на фрагментацијата, почнувајќи во три главни сектори - енергијата, телекомуникациите и финансиските пазари, па затоа, како што рече, главен предлог во Извештајот е нивната интеграција.  

- Друг голем дел од Извештајот е социјалната димензија на единствениот пазар. Како да им помогнеме на работниците, како да им помогнеме на граѓаните и како да ги поттикнеме иновациите, рече Лета. 

За таа цел, како што нагласи Лета, покрај постојните четири традиционални економски слободи за проток на капитал, услуги, стоки и лица, предлага и петта слобода за проток на иновациите, истражувањата, знаењата, стручноста, податоците и вештачката интелигенција. 

Мишел од своја страна истакна дека конкурентноста е основно прашање што претставува комплициран предизвик за ЕУ.  

- Оптимист сум дека ќе договориме амбициозни заклучоци. Треба да воспоставиме нов договор за конкурентност. Тоа е целта, изјави Мишел. 

Тој додаде дека лидерите на ЕУ се инспирирани од извештајот на Лета и изрази увереност дека денеска ќе донесат одлуки од суштинско значење. 

Според Мишел, ЕУ се соочува со неколку сериозни предизвици, како климатските промени и зелениот договор, дигиталната револуција, потребата да се инвестира во безбедноста и одбраната, како и некои демографски прашања.

- Тоа значи дека единствениот пазар и економската основа се нашата најдобра предност, тоа е нашата најдобра сила и треба да идентификуваме што треба да направиме за да се осигураме дека овој инструмент може да се разви и да се искористи за да се справиме со различните предизвици, рече Мишел. сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан