• сабота, 20 декември 2025

Левица: Јавен повик за пријавување на кандидати за градоначалници

Левица: Јавен повик за пријавување на кандидати за градоначалници

Скопје, 15 јуни 2025 

Левица била и ќе остане гласот на обесправените, на работниот народ, на оние кои секојдневно се борат за достоинствен живот во оваа земја. Ние веруваме во огромниот потенцијал на нашата држава - потенцијал кој не е во рацете на елитите, туку кај чесните, способни и одлучни граѓани. Доаѓа време кога градоначалничките функции мора да ги заземат луѓе со визија, со интегритет и принципи - луѓе кои не се плашат да се спротивстават на системот, туку се одлучни да го менуваат во корист на народот.

Оттука, согласно Одлука на Президиумот на Левица - објавуваме јавен повик за пријавување на кандидати за градоначалници.

Кој може да се пријави?

Секој полнолетен граѓанин кој може да е член на Левица, но и партиски неопределен, а кој:
- Се води од принципи, а не од интерес и суета;
- Е подготвен да се фати во костец со корупцијата, криминалот и урбаното дивеење;
- Има конкретна визија за подобра општина и подобар живот.

Како да се пријавите?

Испратете ја својата кандидатура најдоцна до 10 јули 2025 година на contact@levica.mk
Вашата апликација треба да содржи:
Биографија (CV) според урнек (https://levica.mk/wp-content/uploads/2025/06/CV.docx);
Мотивационо писмо и 10 приоритетни мерки и проекти за Вашата општина како и визија за развојот на Вашата општина.

Не смееме повеќе да им го препуштаме управувањето на истите кои со години ја уништуваат нашата сегашност и ни ја крадат иднината. Не смееме да им дозволиме на естаблишментските партии и докажаните криминогени структури да продолжат да ги пустошат нашите општини. Твојата одлука, твојата храброст, може да биде искрата на промената.

Ако го носиш во себе гневот од неправдата, љубовта кон народот и визијата за достоинствен живот - исправи се, пријави се.
Историјата не ја пишуваат оние кои чекаат - туку оние што се осмелуваат да дејствуваат.

Левица

______________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан