• среда, 26 март 2025

Левица бара разрешување на директорот на болницата во Демир Хисар

Левица бара разрешување на директорот на болницата во Демир Хисар

Скопје, 25 март 2025 (МИА) - Политичката партија Левица денеска побара разрешување на директорот на Психијатриската болница во Демир Хисар, Жан Лозановски, откако пациент кој избега од болницата вчера пукаше во вработена во Центарот за социјални работи во Прилеп, но и поради, како што велат од партијата, лошото менаџирање. 

- Лицето издржувало мерка задолжително психијатриско лекување, а при бегството се упатил во Центарот за социјални работи во Прилеп каде што пукал со пиштол кон вработена во Центарот, а имало и расправија со директорот на Центарот.  Против сторителот биле водени соодветни кривични постапки, но и покрај сите информации за него, сепак лицето успеало да избега, што е сериозен индикатор за аномалиите во работењето на оваа установа. Се поставува прашањето, како бегалецот успеал неколку дена да биде надвор од болницата?! Политичката партија Левица бара итно разрешување на Жан Лозановски, директорот на ЈЗУ Психијатриска болница во Демир Хисар, како кадар на коалицискиот парнер - ЗНАМ. Поради крајно лошо менаџирање со болницата, таа со години наназад, но и денес се наоѓа во очајна состојба, соопшти Левица. 

Партијата дополнува дека претходно, и вработените во Болницата алармирале за лошото менаџирање и по доаѓањето на директорот Жан Лозановски.

-  Ниту една машина за перење не е во функционална состојба и вработените се принудени да позајмуваат алишта за пациентите од Црвениот крст. Дополнително, вработените кои работат со години со договори на определено време, секоја година се во неизвесност дали ќе им биде продолжен договорот.  После ваквиот скандал со бегство на пациент, при што беше загрозена безбедноста и на други лица, потребно е министерот Таравари веднаш да го разреши директорот Лозановски и да се утврди одговорност за сериозниот пропуст поради кој дојде до загрозување на животот на едно лице, велат од Левица. лв/бак/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан