• петок, 05 декември 2025

Лашкоска: Реализираме проекти за одржлив, сеопфатен и рамномерен развој на нашата држава, следејќи ги потребите на граѓаните

Лашкоска: Реализираме проекти за одржлив, сеопфатен и рамномерен развој на нашата држава, следејќи ги потребите на граѓаните

Скопје, 5 август 2025 (МИА) - Реализираме проекти за одржлив, сеопфатен и рамномерен развој на нашата држава, следејќи ги потребите на граѓаните, изјавила денеска заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање, Ане Лашкоска, која заедно со гевгелискиот градоначалник Андон Сарамандов, присуствувале на официјалниот почеток на градежните активности за изградба на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација во Урбан блок 4.4. во општина Гевгелија.

Како што соопштија попладнево од Министерството за животна средина и просторно плaнирање, целта на овој значаен проект е обезбедување на квалитетна вода за пиење, прифаќање на фекалните води од објектите во овој дел од градот, како и прифаќање на атмосферските води.

Со неговата реализација, како што се истакнува, ќе се обезбедат подобри комунални услуги и ќе се подигне квалитетот на живеење на над 2.500 граѓани кои живеат во овој урбан блок во општина Гевгелија и ќе се заштитат животната средина и биодиверзитетот.

- Заштитата и зачувувањето на биодиверзитетот на реката Вардар преку изградба и на фекална канализација, ќе овозможи отпадните води да се прочистуваат во постојната станица и потоа да се испуштаат во водите на Вардар, што е од особена важност за квалитетот на речните води, а од друга страна го зголемува значењето на овој проект и свесноста за вредноста и комплексноста на животната средина и за неопходните активности што треба да ги преземеме, за да се заштитат и зачуваат водите на оваа најголема македонска река и нејзиниот биодиверзитет, се наведува во пишаната изјава на Лашкоска.

Според Лашкоска, во иднина мора заеднички да се поработи на подигнувањето на јавната свест и одговорноста на секој подинец, „бидејќи на крајот на денот грижата за потрошувачката и третманот на водите не е единствено одговорност на државата и институциите, таа е одговорност на секој од нас и тие ограничени природни ресурси треба одржливо да ги користиме.“

- Со реализацијата на овој и на сите наши проекти, како Влада и Министерство за животна средина и просторно плaнирање, придонесуваме за одржлив, сеопфатен и рамномерен развој на нашата држава, следејќи ги потребите на граѓаните, а истовремено правејќи сериозен исчекор со што заедно ги забрзуваме промените кон одржлив развој на економијата и инфраструктурата и поквалитетен животен стандард, подеднакво за сите наши граѓани, потенцира Лашкоска.

Како што информираат од Министерството, вкупната вредност на проектот за изградбата на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација изнесува 48.233.215 МКД  односно 572.179 евра, средства обезбедени од Владата, преку кредит од „Европската инвестициска банка“. бд/дма/

Фото: Министерство за животна средина и просторно плaнирање

Остани поврзан