• понеделник, 16 декември 2024

КФОР бара навреме да се информира за акции на косовската полиција кои може да влијаат на регионалната безбедност

КФОР бара навреме да се информира за акции на косовската полиција кои може да влијаат на регионалната безбедност

Приштина, 21 мај 2024 (МИА) – Мисијата на НАТО на Косово, КФОР, во соопштение по повод вчерашната акција на косовската полиција која резултира со затворање на шест филијали на српската „Банка Поштенската штедилница“на северот од земјата, соопшти дека во иднина очекува навремени консултации од Полицијата на Косово за такви акции, јави дописникот на МИА од Приштина.

Од КФОР велат дека за операцијата биле информирани непосредно пред нејзиниот почеток, додека нагласуваат дека во акцијата не бил вклучен никаков персонал од мисијата.

„КФОР беше известен непосредно пред почетокот на акцијата на институциите во Косово против филијалите на „Банка Поштенска штедилница“ лоцирани во северните општини Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток. Персоналот на КФОР не беше вклучен во извршувањето на овие операции. КФОР очекува навремени консултации за каква било акција на косовската полиција или на Косовските безбедносни сили (ФСК) што може да влијае на регионалната безбедност“, се вели во соопштението на мисијата ан НАТО

КФОР вели дека продолжува да го поддржува дијалогот Белград-Приштина олеснет од ЕУ, обезбедувајќи ја безбедносната рамка неопходна за дипломатијата да напредува.

„Ова е единствениот начин да се решат отворените прашања и да се дојде до решенија кои ги почитуваат правата на сите заедници. КФОР продолжува да го спроведува својот мандат - врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година - да обезбеди мирна и безбедна средина за сите заедници кои живеат на Косово и слобода на движење, во секое време и непристрасно. КФОР е третиот безбедносен одговор, по косовската полиција и Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС), соодветно, со кои работиме во тесна координација, соопшти КФОР.

Вчерашната акција на косовската полиција е оценета како еднострана акција која може да доведе до тензии и од страна на САД, Европската Унија, Велика Британија, ОБСЕ и други. иа/ссм/

Остани поврзан