• среда, 27 ноември 2024

Куманово во чест на 11 Октомври организира бројни културни и спортски манифестации

Куманово во чест на 11 Октомври организира бројни културни и спортски манифестации

Куманово, 9 октомври 2024 (МИА) - Фондацијата за култура и спорт организира три фестивали по повод државниот празник 11 Октомври,  „Куманиум“, „Гитаријада“ и „Арт Атак“, соопштија денеска надлежните. Фестивалите ќе се одржат на 11 и на 12 октомври и се дел од празничните манифестации со кои Куманово го чествува празникот. „Куманиум“ ќе се одржи во Соколана со почеток во 12 часот, на градскиот плоштад ќе се одржи изложбата на олдтајмери. 

-По полагање на цвеќето на Спомен-костурницата ќе се одржи фестивалот кој пред пет години го почна „Активум“, но подоцна фондацијата го презеде и успешно го реализа втора година по ред како детски фестивал со жонглери и маскоти, некако соодветни за најмладата популација, изјави директорот на фондацијата, Марио Арангеловски.

Задутре од 20 часот на спортското игралиште во Соколана ќе се одржи „Гитаријада“.

– Ќе ја отвори нашиот сограѓанин соло гитаристот Санди, потоа ќе настапат „Паркети“ и на крајот легендарните „Леб и сол“ кои долго време немаат настапувано во нашиот град. Ќе се одржи во спортскиот комплекс Соколана, но со оглед дека самиот објект се реконструира ќе се одржи на спортското игралиште, додаде Арангеловски.

Наредниот ден со почеток во 18 часот ќе се одржи „Арт атак“ фестивалот, стендап на Бојан Велевски и проекција на македонски филм.

-Ги поканувам сите љубители на уметноста да ги посетат фестивалите, кажа директорот на фондацијата.

Општинскиот сојуз на спортови Куманово, под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Куманово, во чест на претстојниот празник 11 Октомври, ги организира традиционалните спортски манифестации: турнир во ракомет, атлетски митинг, турнири во понг-понг, велосипедската трка, аикидо семинар, турнир во одбојка, планинарска тура, меѓународен куп во спортски риболов. ам/мд/


Фото: МИА и плакат

Остани поврзан