• среда, 27 ноември 2024

Културната дејност на Општина Охрид претставена пред учесниците на Семинарот за македонски јазик, литература и култура

Културната дејност на Општина Охрид претставена пред учесниците на Семинарот за македонски јазик, литература и култура

Охрид, 19 август 2024 (МИА) – Општина Охрид е постојан поддржувач на бројни манифестации што ја збогатуваат културната понуда на градот и ги инспирираат граѓаните да се вклучат и да придонесат за општеството. Под покровителство на Општина Охрид, во последните неколку години беше издадена едиција од десет книги, посветени на истакнати писатели и важни историски личности за Охрид и Македонија. Оваа едиција е гордост за нашиот град, сведоштво за нашата посветеност на зачувувањето и промовирањето на македонската литература и историја. Тоа го истакна претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, пред учесниците на на 57-та Летна школа на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, што се одржува во Охрид, пред кои ја презентираше целокупната дејност, тековните активности и континуираните проекти на Општина Охрид во повеќе области од културата.

- Охрид е нашата гордост, највредниот културен и историски бисер, лулка на писменоста, центар на духовноста и местото каде што минатото, сегашноста и иднината се испреплетуваат во една хармонична целина, рече Божиновски.

Според него, оттука произлегува обврската да се чуваат, вреднуваат и промовираат непроценливите богатства што ги има Градот, како аманет за новите генерации. 
Македонскиот јазик и неговите корени се длабоко поврзани со богатото културно наследство на овој регион, почнувајќи од просветителската дејност на нашиот Свети Климент Охридски, преку творештвото на Григор Прличев, Живко Чинго, Ванчо Николески и многу други роднокрајни автори, преродбеници, писатели и поети, кои оставиле длабок печат во целокупниот развој на македонскиот јазик и литература.

- Оваа вредна книжевна дејност која се одвивала низ вековите, тука на брегот на прекрасното Охридско Езеро е една од главните основи на сето она што Општина Охрид го прави денес во областа на културата, уметноста и литературата, рече Божиновски,.

Од говорницата беше истакнато дека преку низа активности, вложувања и поддршка на бројни проекти и манифестации, со огромна посветеност се работи на чување и промоција на богатото наследство, афирмација на македонскиот јазик, како во земјата, така и надвор од нејзините граници.

- Општина Охрид ќе продолжи да работи неуморно, со визија за уште поголеми и позначајни културни проекти во иднина, рече Божиновски. аб/аа/

фото/Општина Охрид

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан