• недела, 15 декември 2024

Кузеска: Власта го окупира судството-избран е првиот судија од тефтерчето на Мицкоски

Кузеска: Власта го окупира судството-избран е првиот судија од тефтерчето на Мицкоски

Скопје, 14 декември 2024

Наместо реформи, власта спроведува брутална партизација и окупација на судството. 

Додека јавно се врши притисок врз Судскиот совет, избран е првиот судија од тефтерчето на Мицкоски. 

Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ е назначена за член на Судскиот совет. Тоа е уште една потврда дека целта на власта е потполна контрола врз судството и ништо друго.

Наместо независни институции кои ќе судат по словото на законот, се враќа „Сваровски судство“ кое ќе биде продолжена рака на Мицкоски и неговата партија.

ВМРО-ДПМНЕ се обидува да создаде партиски контролиран судски систем кој ќе служи како нивна алатка за политички прогон и заштита на криминалот во редовите на власта.

Ова е истиот рецепт од времето на Груевски, кога судиите беа алатки на режимот, а правдата беше глува за граѓаните. 

ВМРО-ДПМНЕ сака да биде и судија и егзекутор, да дели партиска наместо законска правда.

СДСМ со месеци предупредува дека ова не е изолиран случај, туку јасна стратегија на премиерот Христијан Мицкоски и неговата партија. Судиите да бидат само пиони кои ќе носат одлуки според партиски директиви.  

Партизација на судството е директен напад врз демократијата и владеењето на правото. Особено што се случува паралелно со партизација на безбедносните агенции, независните регулаторни тела и други институции. 

Со партиски окупирани институции и контролирано судство нема владеење на правото. 

СДСМ ги повикува сите демократски сили – граѓаните, правните експерти, граѓанските организации и независните медиуми – да застанат цврсто против обидите за партиска контрола врз судството. 

Ова е битка за демократијата, за владеењето на правото и за иднината на нашата држава.

Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ

_____________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото СДСМ

 

Остани поврзан