• сабота, 20 декември 2025

Кузеска: Власта врши притисок врз градоначалниците на СДСМ

Кузеска: Власта врши притисок врз градоначалниците на СДСМ

27 април 2025 

Непосредно пред локалните избори, иституциите под контрола на власта на ДПМНЕ, координирано вршат притисок врз градоначалниците од СДСМ.

Сите можни инспекции, различни сектори под контрола на МВР, инспекторати и многу други институции буквално ги имаат окупирано општините водени од градоначалници на СДСМ.

Власта оди дури и до таму, да врши притисоци и врз членови на потесните семејства на градоначалниците, со незаконски прераспределби од работното место надвор од местата на живеење.

Овој притисок е селективен и тенденциозен — насочен исклучиво кон општините каде што градоначалниците се од СДСМ, додека во општините под контрола на ДПМНЕ нема никакви контроли.

Очигледно целта на власта е од позиција на сила да ги заплаши актуелните градоначалници на СДСМ пред изборите, да им врши притисок и во крајна линија да им ја опструира нивната работа.

Ова е класичен пример за злоупотреба на државните институции во партиски цели од страна на ДПМНЕ. 

Почитувани,

Ова не е само напад избраните градоначалници на слободни избори туку напад врз демократијата и врз основните принципи на владеење на правото.

СДСМ најостро го осудува овој политички притисок на власта и бара веднаш да престане! 

Ќе ги искористиме сите механизми на располагање, и на домашен и на меѓународен план, за да го заштитиме интегритетот на нашите градоначалници и правото да работат без притисок и закани.

За разлика од градоначалниците на ДПМНЕ кои не ги исполнија своите ветување и за 4 години не сработеа ништо, градоначалниците на СДСМ се пример за отчетно, транспарентно и одговорно работење во интерес на граѓаните.

Власта треба да знае дека со злоупотреба на институциите, со притисок, не може ниту да не замолчи ниту да не заплаши. 

Ги повикуваме сите надлежни тела, како и меѓународната заедница, да го следат внимателно овој процес и да застанат во одбрана на демократските стандарди во земјава.

 

Прес-конференција на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ

СДСМ - Центар за комуникации со јавноста

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан