• петок, 05 декември 2025

Кубилиус: ЕДИП ќе ја зајакне европската одбранбена индустрија и ќе донесе многу нови работни места

Кубилиус: ЕДИП ќе ја зајакне европската одбранбена индустрија и ќе донесе многу нови работни места

Стразбур, 25 ноември 2025 (МИА) – Изминатава година создадовме можности за стратегии за одбрана на ЕУ, но сега периодот на создавање можности заврши и време е да испорачаме одбранбена подготвеност, порача денеска еврокомесарот за одбрана и Вселената, Андирус Кубилис при презентацијата на Програмата за европската одбранбена индустрија (ЕДИП) пред Европскиот парламент во Стразбур.

- Програмата за европската одбранбена индустрија е навистина суштинска за одбранбената подготвеноста. ЕДИП е пионерска програма. ЕДИП носи револуција во одбранбената индустриска политика и ги поставува темелите за помалку фрагментирана, поиновативна и вистинска европска одбранбена индустрија, која ќе биде посилна, поконкурентна и ќе донесе работни места, многу нови работни места, истакна Кубилиус.

Тој потсети дека Програмата беше иницирана уште минатата година во мандатот на претходната Европска комисија и конечно година и половина подоцна постигнат е договор за нејзино усвојување,

- Потребната година и половина за да се постигне договор е предолго од гледна точка на одбранбената подготвеност, но конечно успеавме во тоа, додаде Кубилиус.

Според него, ЕДИП претставува продолжение на претходните програми за зголемување на производството на муниција за потребите на Украина и за зајакнување на противвоздушната и противракетната одбрана,

- И сега го имаме следниот чекор напред. ЕДИП претставува продолжување и проширување на овие успешни инструменти со сосема нови можности за зголемување на нашата одбранбена индустрија. Зголемувањето носи 1,2 милијарди грантови за одбранбената индустрија и 300 милиони за интеграција на украинската одбранбена индустрија, додаде Кубилиус.

Тој нагласи дека целта на ЕДИП е поттикнување на заедничките воени набавки на земјите членки, зајакнување на одбранбена подготвеност на Европа со инвестирање во индустриската база и во работи места, олеснување и зајакнување на одбранбените партнерства и обезбедување сигурен и навремен пристап до одбранбена опрема низ целата Европска Унија.

- ЕДИП ја поддржува и украинската одбранбена индустрија и тоа не само со 300 милиони евра. ЕДИП овозможува набавка на одбранбена опрема во, со и за Украина. ЕДИП овозможува инвестирање во украинската индустрија и поддршка на нејзината интеграција во европската одбранбена технолошка индустриска база. ЕДИП ни овозможува да ги инјектираме украински воени иновации во европската одбранбена индустрија. ЕДИП структурно ја поврзува Украина со нашата европска одбранбена индустрија, потенцира Кубилиус, апелирајќи до европратениците да ја усвојат Програмата до крајот на оваа година. сп/ссм/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан