• сабота, 23 ноември 2024

Крушево: Отворена манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ – Илинден е голем светилник, да ги дочуваме својот идентитет и вековната посебност

Крушево: Отворена манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ – Илинден е голем светилник, да ги дочуваме својот идентитет и вековната посебност

Крушево, 2 август 2024 (МИА) - Со подигнување на бајракот на Републиката, со симболично испукување на црешовото топче и со читањето на Крушевскиот манифест, синиќа на Гумење во Крушево свечено беа отворени научно-културните средби „10 дена Крушевска Република“ со што и започна чествувањата за големиот Илинден и 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република. На чествувањето покрај повеќе гости присуствуваше и претседателот на владата Христијан Мицкоски.

Потенцирајќи дека заедничкото живеење на сите националности во илинденско Крушево е пример за целокупното живеење во Македонија, крушевскиот градоначалник и претседател на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“, Томе Христоским нагласи дека Илинден е голем светилник што го покажува правецот кон сигурната иднина.

- Илинден е победа за сите кои движат напред. Денес живееме во држава втемелена на Крушевскиот манифест и Манифестот на АСНОМ. Идеите и вредностите запишани во овие безвременски документи од нашата историја денеска се наша реалност.  Илинден е и ќе биде нашата сила за светла, европска иднина за сите граѓани на Македонија. Историјата ги памети тие што се издигнуваат, преземаат, му даваат сила на својот  глас, и се решени да донесат одлука. Тие пишуваат историја, историјата ги запишува нив. Илинден е симбол за нашата борба за слобода и човечки правдини, рече Христоски на отворањето на Манифестацијата.

Според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во пресрет на Илинден, повторно му кажуваме на светот дека Македонија не беше и не ќе биде јалова грутка, за да ја поткршува кој најде и кој ќе стигне.

-Денеска, на страниците на светското паметење, со гордост запишуваме дека пред 121 и пред точно 80 години, ние ги избравме и ги испративме најдобрите синови први да ги огрее сонцето на слободата. Хероите од Мечкин Камен и Слива, ни покажаа како се чува слободата, тој најскап идеал на човекот, а ние сме онаа генерација на која ѝ е оставен аманетот – со убавината на сопствената култура и традиција, да ги дочуваме својот идентитет и вековната посебност, како скапоцен влог во мозаикот на светската цивилизација, рече Љутков.

Да се зборува за Крушево значи да се зборува за сопствената историја, традиција и култура. За град музеј, кој изобилува со историски зданија како одек од минатото и потврда за непроценливото културно наследство на нашата држава.

-Силно верувам дека предвидената програма на  манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“  ќе биде  нов  културен светилник на Балканот, за кој долго ќе се зборува и по кој светот ќе нè препознава, како град и земја што задолжително и со восхит треба да бидат посетени, нагласи министерот за култура и туризам Зоран Љутков со што ја прогласи за отворене, сега веќе националната манифестација „10 дена Крушевска Република“.

На Гумење во предвечерието на празникот се одржаа богата културно-уметничка програма и огномет.

Денес на празникот од 11,30 часот е централното чествување на Мечкин Камен каде ќе се обрати претседателот на владата, Христијан Мицкоски. ем/нд/

Фото: Извор МИА

 

 

Остани поврзан