• вторник, 24 декември 2024

Кривични пријави за организаторите на протестот во Тирана и повеќе граѓани, меѓу нив и малолетници

Кривични пријави за организаторите на протестот во Тирана и повеќе граѓани, меѓу нив и малолетници

Тирана, 8 септември 2024 (МИА) - По синоќешниот протест на опозицијата во Тирана, каде беа фрлени молотови коктели и други запаливи средства, врз објектот на владата и други државни институции, полицијата поднесе кривични пријави за тројца организатори, како и за  учесници во протестот.

Кривични пријави се поднесени против генералниот секретар на Демократската партија, Фљамур Нока, координаторот на пратеничката група, Газмент Барди и организацискиот секретар Ервин Минароли. Тие се товарат за „Организирање и учество во незаконски собири и демонстрации“, соопшти албанската државна полиција.

Исто така информира дека е приведен Џ. Р. (57), жител на Тирана, за сторени кривични дела „Напад врз службено лице на должност“ и „Уништување имот со предизвикување пожар“.

Постапка се води и против Ф.Д. (31) и две малолетни лица на возраст од 16 и 17 години, жители на Тирана, за сторени кривични дела „Нарушување на јавниот ред и мир“, „Уништување имот“ и „Напад врз полициски службеник“. Се трага по девет лица од 17 до 62-годишна возраст под сомнение за сторени кривични дела „Нарушување на јавниот ред и мир“, „Напади врз службено лице“ „Уништување имот со пожар“ „Непочитување на правилата за експлозиви и запаливи материи“, се наведува во полициското соопштение.

Учесниците во протестот првично се собраа на булеварот „Народи херои“ и застанаа пред владата. Потоа заминаа пред седиштето на Социјалистичката партија, зградата на МВР, зградата на општина Тирана, Парламентот,  уништуваа приватен и јавен имот, фрлаа молотови коктели и други запаливи средства, како и тврди предмети и кон полицијата и зградите на јавните установи. Оштетиле и рекламни табли и палеле канти за ѓубре, како и автобуска постојка.

Полицијата мораше да употреби солзавец и водени топови.

За време на протестот, што траеше три часа, беа повредени 10 полицајци. По пружената медицинска помош во Клиниката за трауматологија седум од нив се пуштени на домашно лекување, останатите се на болнички третман. Исто така, во болница за лекарска помош се упатени и двајца  граѓани (татко и ќерка), за кои постои сомневање дека се повредени со експлозив (молотови коктели) и се надвор од животна опасност.

По завршување на протестот Нока изјави дека државата е во паника и дека граѓанскиот бунт не може да се запре ниту со солзавец, ниту со полиција и го повтори повикот за техничка влада, сметајќи ја како единствена алтернатива за социјален мир и слободни избори. вт/дс/

Остани поврзан