• среда, 26 март 2025

Крајбрежната служба на Грција и Службата за разузнавање разбија криминална организација која криумчарела мигранти од Турција

Крајбрежната служба на Грција и Службата за разузнавање разбија криминална организација која криумчарела мигранти од Турција

Атина, 25 март 2025 (МИА) – Припадници на крајбрежната служба на Грција во соработка со припадници на Националната служба за разузнавање, разбиле криминална организација, која била активна во криумчарење мигранти од Турција во Грција преку островот Кос, а уапсен е еден од двајцата кои имале лидерски улоги во организацијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба соопштија дека уапсениот е 44-годишен грчки државјанин со потекло од Грузија и веќе му е одредена мерка притвор, додека по второто лице, кој е турски државјанин, се трага и е издаден налог за апсење.

Криминалната организација била разбиена откако пред десет дена во близина на Кос била откриена јахта со 74 мигранти и бил уапсен 25-годишен криумчар, за кој подоцна се констатирало дека е член на организацијата и имал улога на капетан, пренесувајќи ги лицата од турското крајбрежје на грчките острови.

За двете лица кои имале водечки улоги биле издадени налози за апсење од Обвинителството на Кос, а се товарат дека „заедно воделе оперативно структурирана криминална организација со континуирано дејствување, со цел да превезуваат државјани од трети земји кои немаат право да влезат во Грција, од брегот на Турција на грчка територија“.

-Улогата на горенаведените двајца лидери беше да го координираат и организираат транспортот на државјани на трети земји, наоѓајќи пловни средства во Грција, кои ги купувале и ги транспортирале во Турција, со цел успешно да се изврши нелегалниот транспорт. Покрај тоа, користеле возила и чамци со кои управувале други членови на организацијата. Исто така, обезбедувале сместување во Турција на оние кои требало да бидат пренесени во Грција, пред патувањето, соопштија од крајбрежната служба на Грција.

Дополнително, според крајбрежната служба на Грција, организацијата се состои од најмалку десетина други лица кои се наоѓаат во Турција. ср/сд/

Фото: Крајбрежна служба на Грција

Остани поврзан