• четврток, 25 јули 2024

Красниќи: Условувањето на членството во СЕ со ЗСО е лош сигнал за немнозинските заедници во Косово

Красниќи: Условувањето на членството во СЕ со ЗСО е лош сигнал за немнозинските заедници во Косово

Приштина, 14 мај 2024 (МИА) – Министерот за локална самоуправа на Косово, Елберт Красниќи, смета дека од зачленувањето на Косово во Советот на Европа посебна корист ќе имаат немнозинските заедници во државата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Красниќи, кој е дел од Владата на Албин Курти од редовите на египќанската заедница, „условувањето на членството на Косово во Советот на Европа од актуелното европско раководство со Заедницата на општини со српско мнозинство е лош сигнал за немнозинските заедници во Косово“.

-Како прво, Заедницата не е барање на косовските Срби. Според Уставот, косовските Срби имаат право и слобода на здружување како и секоја друга заедница. Второ, со ова условување, шефовите на некои од европските држави за жал покажуваат дека не се толку заинтересирани за зајакнување на другите немнозински заедници во Косово, како што се Ромите, Ашкалиите, Египќаните, Турците, Гораните и другите, кои најмногу би имале корист од механизмите на Советот на Европа, напиша Красниќи на Фејсбук.

Според него, „со приоритизирањето и инсистирањето на моноетнички механизми и ентитети ризикува да се создаде немнозинска супер-заедница на Косово“, а тоа, како што вели, „ја уништува уставната хармонија што постои меѓу немнозинските заедници“.

-Како граѓанин на оваа Република и второ како Египќанец во Косово, ова крајно ме загрижува, напиша Красниќи. иа/мс/

 

Остани поврзан