• сабота, 23 ноември 2024

Костадиновска Стојчевска: Статусот на УНЕСКО останува, остануваат и препораките за негово зачувување

Костадиновска Стојчевска: Статусот на УНЕСКО останува, остануваат и препораките за негово зачувување

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Комитетот за светско културно наследство на УНЕСКО високо го вреднува донесувањето на стратегискиот план заедно со Република Албанија, како потврда за нашите искрени намери за зачувување на статусот и подготвеност за работа дома и интензивна соработка. Престижниот статус ни останува, но остануваат и препораките за негово зачувување, истакна денеска на прес-конференција министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа потврди дека препораките не се лесни и нивното реализирање бара целосно внимание. Како што рече, за се постигне успех, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските - централната власт, локалната самоуправа, установите и граѓаните.

Од соработката, посочи, ќе зависи имплементацијата на посочените мерки за рехабилитација на регионот.

-Комитетот за светско културно наследство на УНЕСКО на 45 сесија во Ријад, Саудиска Арабија одлучи да го остави Охридскиот регион на листата на светско природно и културно наследство од исклучителна универзална вредност. Со оваа одлука Комитетот ги уважи нашите напори како и заедничките напори со Република Албанија за зачувување на престижниот статус на Охридскиот регион. Комитетот ги вреднуваше и фактот дека експертските тимови на двете држави заеднички изготвија стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион со акциски план, рече Костадиновска Стојчевска.

Според министерката, ова е значаен чекор во детектирање и справување со факторите кои имаат негативно влијание врз вредностите во регионот.

-Изготвувањето на стратегискиот план беше поздравено од Комитетот со препорака, заедно со Албанија да допрецизираме временска рамка за имплементација, буџет и приоритетите на активностите од стратегискиот план. Тоа значи дека со Република Албанија не чека многу заедничка работа. Ние ги споделуваме природните убавини, но и одговорноста за Охридското езеро, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека многу работи од препораките веќе се почнати, но останува нивната целосна реализација.

Останува препораката да се финализира прогласувањето на Студенчишко Блато за парк на природата, а Охридското езеро за споменик на природата. На ова, како што рече, работат и е во финална фаза.

-Што поскоро мора да се изготват нови генерални урбанистички планови за Охрид и Струга. Треба да продолжи адресирањето на проблемот за бесправните објекти и да се осигури дека оние што се отстранети нема да се обноват, но и дека нема да се појават нови нелегални градби. Реактивната мониторинг мисија на центарот за светско наследство на УНЕСКО и на советодавните тела од почетокот на следната година повторно ќе дојдат за да ја оценат имплементацијата на препораките и на мерките за рехабилитација на регионот, појасни Костадиновска Стојчевска.

Таа потенцираше дека експертските тимови ќе продолжат интензивно и координирано да работат и да дејствуваат во детектирање и справување со факторите кои имаат негативно влијание врз природните особености и вредности на Охридскиот регион.

-Одлуката на Комитетот е позитивен импулс и поддршка на нашите региони. Да го зачуваме престижниот статус на Охридскиот регион, регионот кој светот го препозна, а УНЕСКО ја верификува неговата убавина. Едно од 39 мешовити добра во целиот свет, односно 43 прекугранични добра, додаде Костадиновска Стојчевска. бт/бак/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан