• вторник, 24 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Предлог - законот за управување со Охридскиот Регион придонесува за зачувување на статусот на светско природно и културно наследство

Костадиновска-Стојчевска: Предлог - законот за управување со Охридскиот Регион придонесува за зачувување на статусот на светско природно и културно наследство

Скопје, 7 февруари 2024

 

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на јавната расправа за Предлог-законот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, која се одржа во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“, рече дека се дискутира за значајно законско решение кое ќе има придонес врз зачување на статусот на светското наследство на Охридскиот Регион.

„Овој Предлог-закон за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион се изготвува согласно насоките наведени во Извештајот на Реактивната мониторинг-мисија на Центарот за светско наследство на УНЕСКО“, нагласи Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека препораките на УНЕСКО главно се однесуваа за уредување на Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион.

„За ефикасно спроведување на надлежностите, Комисијата е конципирана во помал и компактен состав, со цел функционално и интегрирано управување со Охридскиот Регион, но и на спречување на активности кои може да имаат негативно влијание врз неговата исклучителна универзална вредност“, рече Костадиновска-Стојчевска. Напоменувајќи дека Комисијата за Охридскиот Регион ќе го следи спроведувањето на Планот за управување со Охридскиот Регион и Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство, министерката за култура нагласи дека во Комисијата ќе учествуваат засегнати чинители, експерти и претставници од граѓанските организации од областите на природното и културното наследство.

„Со оглед на тоа што најсериозна закана за природното и културното наследство во Охридскиот Регион е засилената урбанизација на Старото градско јадро на Охрид и на крајбрежјето на Охридското Езеро, во надлежност на Комисијата за Охридскиот Регион се и издавањето мислења“, информираше Костадиновска-Стојчевска, појаснувајќи дека оваа комисија за прв пат е формирана во 2018 година, иако Законот за управувањето со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион е донесен во 2010 година.

Заблагодарувајќи се на претседателот на Комисијата за управување со Охридскиот Регион, Зоран Павлов,  министерката за култура го нагласи позитивниот придонес во намалување на активностите кои негативно влијаат врз исклучителната универзална вредност на доброто.

Костадиновска-Стојчевска пред присутните на јавната дебата потенцираше дека со Предлог-законот не се регулирани аспектите на посебната заштита на природното и културното наследство, напоменувајќи дека посебната заштита е дефинирана со закони од областа на животната средина и природата, како и од областа на заштитата на културното наследство.

Управата за заштита на културното наследство и Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид остануваат надлежни установи од стручен аспект на заштита на културното наследство во Охридскиот Регион, и во тој контекст, рече Костадиновска-Стојчевска, службите што ги изработуваат и издаваат заштитно-конзерваторски основи и другите акти треба да го подобрат квалитетот на овие акти, во согласност со меѓународните стандарди за непосредна заштита.

„Подготвеноста на стручните служби се основен предуслов за спречување на  натамошното осиромашување на архитектонските и урбанистичките вредности на доброто, но и на сите содржини што го претставуваат културното наследство. Негрижата за културното наследство треба да биде санкционирана, и за имателите и за надлежните служби“, истакна министерката за култура.

Таа напомена дека комплексните активности кои треба да се преземат во следниот период претпоставуваат одговорност и посветеност во реализација на активностите на многу чинители во процесот, Владата на РС Македонија, министерствата и и сите други субјекти.

„Најзначајниот фактор за успех на координираното управување со Охридскиот Регион е цврстата и јасно изразена политичка волја на јавниот сектор, како и ангажманот на општините изразен како свесен избор на локалните власти, без разлика на видот на конфликтите и тешкотиите кои ќе се појавуваат во поединечните фази од процесот“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.

Носител на Предлог- закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион е Министерството за култура, a е изработен во соработка со  Министерството за животна средина и просторно планирање, и со сите засегнати страни, вклучително и невладиниот сектор. Јавната расправа се одвиваше во конструктивна атмосфера  и беше заклучено повикот за вклучување на сите заинтересирани со забелешки да е отворен до 12 февруари.

Министерство за култура

Фото: Министерство за култура

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Остани поврзан