• четврток, 26 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Отворен Балкан се обедини и одекна силно преку културата и концертот со маестро Мехта

Костадиновска-Стојчевска: Отворен Балкан се обедини и одекна силно преку културата и концертот со маестро Мехта

Скопје, 25 јуни 2023 (МИА) - Со синоќешниот концерт на Белградската филхармонија под диригентската палка на познатиот Зубин Мехта, заврши концертната турнеја, по повод 100-годишнината од нејзиното формирање. Во серијата, дел од иницијативата Отворен Балкан, оваа Филхармонија настапи во Белград, Тирана и Скопје, поттикнувајќи посилни културни врски меѓу трите нации.

Оценувајќи ја како успешна, Министерството за култура потенцира дека турнејата се покажа како извонредна демонстрација на моќта на културата и креативноста и нејзината единствена способност да ги зближи луѓето во дух на меѓусебно разбирање и почит.

Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска го изрази своето задоволство од успешните концерти и ја истакна нивната улога во натамошното зајакнување на културните односи во рамките на Отворениот Балкан. Таа истакна дека ваквите настани служат како силен поттик за афирмација на локалните вредности во европски контекст.

-Нашето единство во различностите е пораката што нé води низ евроинтеграциските процеси. Вака обединети, ние сме уште поголема сила за афирмација на локалните вредности пред Европа, истакна синоќа министерката Костадиновска-Стојчевска.

Министерката Костадиновска-Стојчевска и познатиот диригент Мехта се ракуваа, среде овации и ракоплескања од публиката составена од дипломати, политичари и значајни личности од Северна Македонија, Србија и Албанија.

-Никогаш не може да се потцени моќта на музиката. Музиката е таа што ги зближува луѓето. Кога имавме концерт во Париз, Индиец свиреше со Пакистанец, Сириец музицираше на клавир со Хрват, тоа се различни културни поединци, создавајќи музика заедно, за сите нас тоа претставува огромен успех на единство. Тоа се случува кога одиме на турнеја, тоа се случи и вечерва, истакна маестро Зубин Мехта, за способноста на музиката да ги премине границите и да обединува различни култури. 

Таа ја најави и претстојната заедничка изложба во Париз, настан кој дополнително ја нагласува посветеноста на Отворен Балкан за споделување и промовирање на уникатното културно наследство во европски рамки.

Од  Министерството за култура наведуваат дека успешното завршување на оваа серија концерти ветува добро за иднината на културната размена и соработка во рамките на Отворениот Балкан и дополнително ги зајакнува нивните заеднички европски аспирации.

Отворен Балкан е иницијатива фокусирана на зајакнување на регионалната соработка и поттикнување културни, економски и политички врски меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија. Нејзиниот основен принцип е промовирање на единство во различноста, залагајќи се за посебното културно наследство на секоја нација додека се залага за заеднички напредок и интеграција во Европа. ев/

ФОТО: Министерство за култура

Остани поврзан