• среда, 25 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Во Филхармонија од старт знаеја дека Џез оркестарот само привремено оди на нивна адреса, трајното решение е на повидок

Костадиновска-Стојчевска: Во Филхармонија од старт знаеја дека Џез оркестарот само привремено оди на нивна адреса, трајното решение е на повидок

Скопје, 20 јуни 2023 (МИА) - Од првиот состанок, уште кога ја формиравме новата Национална установа на џез музичари и на сите состаноци што ги имав со претставници на Филхармонијата и со претставници на Синдикатот на Национална установа Филхармонија им кажав дека не е целта во еден објект да има две национални установи, рече денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во гостување во вестите на Канал 5 телевизија.

Костадиновска-Стојчевска посочи дека на вработените во Филхармонија и на Синдикатот неколкупати им било укажано дека се работи на наоѓање на решение, но сепак одлучиле да протестираат.

-Тоа е така од првиотот момент на формирање и од првиот момент кога таа информација ја помина владината процедура работиме на изнаоѓање решение на тој проблем. Тоа им беше укажано неколку пати и на Синдикатот и на вработените во филхармонијата, но сепак тие одлучија тоа да не го послушаат и заради некои други нереални проблеми да протестираат. Јас она што им го кажав и ќе го остварам. Решението за таа нова Национална установа ќе биде пронајдено, бидејќи не е цел да имаме нови национални установи коишто ќе бидат понатаму оставени токму како Македонска филхармонија – 70 години да го бараат своето просторно решение, рече Костадиновска-Стојчевска.

Вработените во Филхармонијата во изминатиот период протестираа неколкупати пред Владата со барање да се најде, како што велат, решение на проблемот кој настана со носењето на одлуката просторно да се смести уште една институција во концертната сала која е изградена за Филхармонија.

-Вработените во Македонска филхамонија не протестираат против џез оркестарот, како што одредени новинари и поединци сакаат да ја извртат вистината во последниве три месеци. Вработените во Филхармонија протестираат бидејќи не дозволуваат во нивниот простор, зграда, објект наменски изграден да ги задоволи потребите на единствениот симфониски оркестар во земјата да биде сместена уште една институција, наведоа од Синдикатот во најавата за  протестот што се одржа во петок минатата недела.лв/аа/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан