• среда, 27 ноември 2024

Косовската опозиција бара разрешување на министерката за правда и нејзино интервјуирање од обвинителството

Косовската опозиција бара разрешување на министерката за правда и нејзино интервјуирање од обвинителството

Приштина, 21 јули 2024 (МИА) – Најголемата косовска опозициска парламентарна партија, Демократската партија на Косово (ПДК), побара разрешување на министерката за правда Албулена Хаџиу и нејзино интервјуирање од страна Специјалното обвинителство во врска со нејзината изјава за бегството на затворениците од косовските затвори, јави дописникот на МИА од Приштина.

Министерката за правда, Хаџиу, во објава на Фејсбук, вели дека неодамнешните бегства од косовските затвори, меѓу кои и на Фатон Хајризи, кој беше убиен во петокот во Србија биле олеснувани и организирани од Србија.

- Доколку Србија е присутна во косовските затвори, што прави министерката за правда со своите должности? Ова е основното прашање што денес го поставува секој граѓанин. Оваа изјава покренува сериозни прашања за националната безбедност на земјата и не може да остане необјаснета, рече на денешната прес-конференција членот на Претседателството на ПДК, Перпарим Груда.

Тој рече дека Косовската поправна служба, како извршна безбедносна агенција која работи под Министерството за правда, е одговорна за овие случаи.

- Оваа изјава, за мене и за ПДК, претставува чин на предавање на министерката за правда пред нејзините обврски кон уставот, законот и граѓаните на Косово. Ова е невидена ситуација која ја покажува неспособноста, неодговорноста и неуспехот на министерката Хаџиу, рече Груда.

Според ПДК жално е што досега нема одговор, мерка и одговорност од Министерството за правда.

- Граѓаните на Косово не заслужуваат таква министерка за правда, која освен што не исполнува ниту едно од дадените ветувања, дава поразителни изјави со кои се нарушува редот и правото во Косово, рече Груда.

Тој побара оставка од министерката Хаџиу веднаш.

- По последователните неуспеси во сите иницијативи за правда, во ветингот, во реформирањето на обвинителскиот совет, во конфискацијата на неоправдани имоти, по изготвувањето многу закони спротивни на уставот на Косово, а неодамна и бегствата на затворениците и нејзините скандалозни изјави, во име на ПДК барам итна оставка од министерката Хаџиу, како неопходен чин за да се отвори патот за враќање на безбедноста во косовските затвори и за многу потребните реформи во правосудниот систем на Косово, рече Груда.

Според него, на Косово му треба нова насока во областа на правдата која ќе гарантира безбедност на граѓаните, почитување на законот и враќање на довербата на јавноста во правосудниот систем. иа/

Остани поврзан