• сабота, 23 ноември 2024

Коскоска и Лазов нови државни прваци во шах

Коскоска и Лазов нови државни прваци во шах

Скопје, 19 мај 2024 (МИА) - Претставниците на клубот Алкалоид, Габриела Коскоска и Тони Лазов се новите македонски шаховски шампиони. 

Женскиот интернационален мајстор Габриела Коскоска по неколкугодишна пауза им се врати на настапите во поединечна конкуренција, откако минативе неколку години настапуваше само на екипните првенства. Таа во 9 партии освои 8 бода, односно 7 победи и во два наврата ремизираше и триумфираше пред Леа Ефтовска и пред Моника Жежовска, кои завршија со половина, односно со цел поен помалку.

- Задоволна сум од постигнувањето! Во согласност со ждрепката, најголемиот дел од партиите со конкурентките за висок пласман ги играв со црни фигури, односно бели имав само во дуелот со Леа Ефтовска. Имаше момент во една партија кога се соочив со закана да бидам поразена, меѓутоа успеав да ја наметнам својата игра. Турнирот, иако со мал број учеснички, генерално, беше многу борбен, со голем број одлучени партии, изјави Коскоска.

Интернационалниот мајстор Тони Лазов по одиграни девет кола со 7,5 поени го освои првото место, пред Никола Николовски и Антон Златков со по 7 бода.

- Воопшто не беше лесно, иако многумина од повозрасните колеги одлучија да не настапат. Одлучуваше последната партија и задоволен сум од конечниот исход, но цврсто верувам дека е ова резултат на долгогодишното изучување и тренирање на шаховската игра, како и на поддршката од клубот, истакна Лазов.

Младиот шахист од Неготино во последните две кола оствари значајни победи, прво над тимскиот колега Филип Панчевски, кој важеше за фаворит на турнирот, а потоа и над Антон Златков. зс/

Фото: ШК Алкалоид

Остани поврзан