• понеделник, 23 декември 2024

Коркидис: Грците за „Black Friday“ и „Cyber Monday“ потрошиле околу 300 милиони евра

Коркидис: Грците за  „Black Friday“ и „Cyber Monday“ потрошиле околу 300 милиони евра

Атина, 2 декември 2024 (МИА) – Прометот на грчкиот пазар за време на „Black Friday“ и „Cyber Monday“ ќе го надмине ланскиот со околу три милиони продажби со просечна сметка од околу 100 евра и вкупен промет од околу 300 милиони евра, оценува претседателот на Трговско-индустриската комора, Василис Коркидис, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изјавата за грчките медиуми, Коркидис вели дека периодот од три дена, односно од петокот до денеска „се покажа и оваа година како добра можност за паметно купување за над осум од десет Грци“, а првичната процена е дека постоел зголемен интерес кај граѓаните.

-Главната мотивација што пет од десет Грци ги тера да купуваат за време на  „Black Friday“ се попустите на брендирани производи кои обично не ги купуваат бидејќи се многу скапи. Четворица од десет купуваат производи што обично ги купуваат во текот на годината, но по пониски цени. Двајца од десет го користат „Black Friday“ за да купат божиќни подароци, а еден од десет за набавка на поевтини производи за секојдневна употреба, а еден од пет го користи  „Black Friday“ за да се почестат себеси со мало и евтино задоволство, објасни Коркидис.

Во однос на дилемата онлајн купување или купување во продавница претседателот на Трговско-индустриската комора вели дека за „Black Friday“ и „Cyber Monday“ грчките потрошувачи се поделени со оглед на тоа дека четворица од десет купуваат онлајн, а пет од десет во продавници. ср/сд/

Остани поврзан