• среда, 27 ноември 2024

Координативен состанок на Организацискиот одбор на црковно-културната манифестација Водици во Охрид

Координативен состанок на Организацискиот одбор на црковно-културната манифестација Водици во Охрид

Охрид, 12 јануари 2024 (МИА) – Во Охрид привршуваат последните подготовки за прославувањето на големиот верски празник Богојавление – Водици и Денот на рибарите (Свети Јован), како датуми од календарот што привлекуваат можеби најголем број гости во градот надвор од главната туристичка сезона.

Во насока на што подобра организација на целата таа верско-културна манифестација, денеска во просториите на Општина Охрид се одржа координативен состанок, на кој присуствуваа претставници на локалната власт, на МПЦ, на локалните јавни претпријатија, безбедносните служби, нуркачките клубови од градот и сите останати субјекти инволвирани во организацијата на најмасовната верска манифестација во земјата.

Градоначалникот Кирил Пецаков пред медиумите изјави дека тоа што оваа година Богојавленските празници календарски паѓаат во викенд ќе биде можност покрај оние кои секоја година се тука за празниците, во Охрид да допатуваат и други гости, па и туристи од подалечни дестинации.

- На овој состанок ќе ги утврдиме сите детали околу празникот Водици, секако и за Денот на рибарите. Генерално завршен е целиот протокол со сатницата на настаните за празниците...На Водици веднаш после фрлањето на крстот во езерото, на Градскиот плоштад гостите ќе ги забавува групата „Некст тајм“. Малку поголема организација и повеќе содржини се предвидени и за Денот на рибарите – Свети Јован, кога покрај настапите на уметниците од охридскиот еснаф ќе биде обезбедена и храна за присутните, рече Пецаков. Тој рече дека деталите околу двата настани ќе бидат соопштени дополнително.

Што се однесува на верскиот дел од манифестацијата, Илија Ристески од Дебарско-кичевската епархија рече дека на самиот ден на празникот Богојавление на 19 јануари од 7 часот традиционално ќе се врши утрена богослужба и божествена литургија во сите парохиски цркви.

- Централната богослужба ќе се врши во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ со која ќе чиноначалствува митрополитт г-дин Тимотеј. Потоа верниците масовно заедно со свештениците се упатуваат кон Градското пристаниште каде ќе бидат осветени водите на Охридското Езеро, а потоа ќе се положи и Чесниот крст, предвидено за во 10 часот.

Ристески уште истакна дека на Водици точно во 12 часот на месноста Сараиште ќе се спроведува и групно крштевање, а заинтересираните можат да се пријават кај парохискиот свештеник на црквата „Свети Никола – Геракомија“.

Што се однесува на чинот на положување на Чесниот крст во осветените води на Охридското Езеро и скокањето по крстот, ристески рече дека пријавувањето е веќе во тек, дека има интерес како и секоја година, со тоа што овојпат има доста пријавени верници и од другите градови од земјата, од Струмица, Скопје, Битола...

Празнувањата на Богојавленскиот водосвет во Охрид традиционално продолжуваат и на 20 јануари со славењето на Свети Јован Крстител или во градот уште препознатлив како Денот на рибарите, како потсетување на традицијата на капење на рибарите на денот кога се означувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на сезоната на риболов. Во поново време на овој ден се одбележува почетокот на изловот на пастрмката за нејзино измолзување и вештачки мрест.

Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Тој важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. „некрстени денови“ и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити. аб/ев/

фото/МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан