• среда, 25 декември 2024

Концерт на Триото „Џентлмен“ во Куманово

Концерт на Триото „Џентлмен“ во Куманово
Куманово, 17 август 2022 (МИА) - Пред платото на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, вечерва со почеток во 21 часот, концерт ќе одржи Триото „Џентлмен“, информираа денеска од националната установа, поканувајќи ги кумановци да го проследат концертот. Трио „Џентлмен“ составено од тројца професионални оперски пејачи: Дејан Стоев - тенор, Кристијан Антовски - баритон и Јане Дунимаглоски - тенор, по урнекот на светските поп-класични состави ќе го презентираат репертоарот кој освен класичните композиции опфаќа и светски поп хитови изведени во поп-класичен манир, наполитански канцони, шпански песни, руски романси и македонското творештво. - Нивните настапи се познати по тоа што секогаш нудат нешто ново нешто невидено на нашите простори. Различни ги прави тоа што прават спој на операта, оперското пеење со различни жанрови како поп, латино, џез, рок композиции и сето тоа во еден нов и специфичен звук, трозвук интерпретиран од тројца оперски пејачи, изјави стручниот соработник за сценско-музичка дејност, Александар Митрички од НУЦК „Трајко Прокопиев“. За нешто повеќе од три години постоење, триото настапувале во повеќето градови од државата со целовечерни концерти. Во ноември 2015 година учествувале на Балканската „Романсијада“ фестивал кој се одржа во Софија-Р. Бугарија и го освоија првото место со награда за професионалност и оригиналност. Во септември 2018 година учествувале на меѓународниот фестивал „Златен костен“ во Петрич и освоија второ место од стручното жири. Тие се учесници и на фестивалот за забавна музика „Макфест“, настапувале со оркестарот на Македонската опера и балет и Битолскиот камерен оркестар на неколку гала концерти. Во 2021 година беа дел од првиот „Евергрин“ фестивал во земјава, кој се одржа во Крушево. ам/ки/

Остани поврзан