• вторник, 24 декември 2024

Конференција за плаќања и пазарна структура на НБ: Отвореното банкарство ќе донесе придобивки за граѓаните и компаниите

Конференција за плаќања и пазарна структура на НБ: Отвореното банкарство ќе донесе придобивки за граѓаните и компаниите
Скопје, 6 октомври 2022 Отвореното банкарство е една од значајните реформи и придобивки кои ќе ги овозможи новиот Закон за платежни услуги и платни системи. Истото се однесува на влез на финтек-компании, кои со согласност на клиентите на банките би пристапувале до нивните платежни сметки со цел иницирање електронски плаќања и собирање податоци за извршените трансакции, заради натамошна анализа и сеопфатно и удобно информирање на клиентите. На вториот ден од 14. Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура стана збор токму за отвореното банкарство како дел од дигиталната трансформација и засилената автентикација на клиентите при иницирање на платежни трансакции, како и влијанието врз конкурентноста на пазарот на платежни услуги. Странските искуства покажуваат дека отвореното банкарство создава нови можности и дизајнирани апликации кои им помагаат на клиентите да ги извршуваат и следат плаќањата полесно, додека за банките е можност за подобрување на својата услуга кон клиентите. Придобивките за потрошувачите се во насока на брзи и ефикасни платежни услуги што ќе им помогнат да заштедат време и да бидат подетално информирани за извршените плаќања. Отвореното банкарство, исто така ќе им овозможи на фирмите да управуваат полесно со своите платежни сметки, користејќи уникатни производи и услуги. Вицегувернерката Емилија Нацевска, при освртот на заклучните согледувања, посочи дека на национално ниво се работи на подзаконски акти со кои ќе се синхронизираат отвореноста на системите на банките која ја носи новиот Закон за платежни услуги и платни системи, и безбедноста на платежните услуги. Имено, вицегувернерката истакна дека овој пристап носи одредени предизвици за креаторите на политиките и регулаторите, пришто довербата е клучна за успешната имплементација на концептот отворено банкарство. На панел дискусијата „Дигитална трансформација: отворено банкарство и засилена автентикација“, учествуваа Ниликса Девлукиа, претставничка на „Пејментс солвд“, Михал Калина претставник на „Рабобанк“ и Холандската асоцијација за плаќања, Макс Герлинг, претставник на „Каренс“, а истата беше модерирана од Горан Јанковски од Народната банка, кој е главен одговорен супервизор на информациските системи. На панелот беа разменети искуства од земји кои веќе го практикуваат отвореното банкарство. Тие го споделија своето искуство за процесот на подготовка на регулативата за отворено банкарство и нејзината имплементација. Пред панелот, беше одржана презентација од страна Марк ван дер Марел од Банката на Холандија, на тема „Влијанието на Директивата за платежни услуги 2 во Холандија – на конкуренцијата, иновациите, безбедноста, потрошувачите и заштита на податоците“. Тој ги истакна придобивките за холандскиот пазар на платежни услуги, како влез на нови даватели на платежни услуги, зголемена конкуренција и побрзо прифаќање на новите технологии. Исто така, посочи и на одредени предизвици во имплементацијата на концептот на отворено банкарство кои произлегуваат од недостатокот на стандардизација на начинот на отвoрање на системите на банките, што ги зголемува трошоците за новите даватели на платежни услуги, на чие надминување активно се работи во Европската Комисија. Инаку, овогодинешната, четиринаесетта по ред, Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура е посветена на новите технологии за плаќања предводени од финтек-компаниите, коишто нудат широк опсег на платежни производи и услуги. Народната банка е домаќин на оваа Конференција, традиционално во соработка со Банката на Холандија. Народна банка на Република Северна Македонија __________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан