• вторник, 24 декември 2024

Конференција за образованието на лицата со попреченост, актуелни состојби и перспективи

Конференција за образованието на лицата со попреченост, актуелни состојби и перспективи
Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - Повеќе од 70 научни и стручни трудови од земјава и регионот, кои го проучуваат влијанието на дијагностиката и раната интервенција врз образованието на учениците со попреченост, ќе бидат презентирани на тридневна меѓународна научно-стручна конференција „Образование на лицата со попреченост, актуелни состојби и перспективи“. Трудовите се однесуваат на образованието, вклучително и социоекономските аспекти, на лицата со попречености во предучилишно, основно, средно и високо образование. Голем дел од трудовите го анализираат инклузивното образование и ги истакнуваат предизвиците со кои треба да се соочи државава за негово унапредување. Дополнително, стручните лица, практичарите и родителите преку тркалезни маси ќе имаат можност за размена на искуства и сознанија за унапредување на образованието, дијагностиката и рехабилитацијата на лицата со попреченост. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој е покровител на конференцијата, на отворањето истакна дека таа има благородна цел да даде научен и стручен придонес во подобрување на можностите за образование на децата  кои не смеат да бидат исклучени поради нивната различност. -Претходната година беа ангажирани 500 образовни асистенти. Од оваа година МОН, заедно со ресурсните центри и според потребите,  ангажира 720 образовни асистенти. Ќе ги очекувам заклучоците на оваа конференција и се надевам дека тие ќе бидат во насока на соработка со институциите од централната и локалната власт, општините и министерствата, рече Шаќири. На прашањето кога образовни асистенти ќе има и за учениците во средно образование, тој нагласи дека да се зборува за сеопфатност оваа услуга треба да продолжи и во средно образование и дека тоа се очекува со донесување на новиот закон за средно образование, кој е во завршна фаза на подготовка, исто како и  законот за средно стручно образование. - Ќе продолжиме во најбрз можен рок, ќе има и јавна дискусија. Законот треба да помине во Владата па после во Собрание. Ќе дискутираме и јас ќе побарам ангажирање на повеќе образовни асистенти од ресурсните центри  колку што се потребни во средното образование, рече Шаќири. Горан Петрушев, претседател на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори, изјави дека во тек е голем реформски процес во државата, во кој сите деца влегуваат во редовните основни училишта и во голема мерка, рече, се работи на обезбедување соодветната поддршка во согласност со функционалните можности на децата. Тоа се образовни асистенти, асистивна технологија и се што им е потребно за успешно вклучување во редовната настава. -Реформскиот процес е на почеток и треба време за да се реализира она што е новина. Во овие две години најголем акцент се става на образовната асистенција, но квалитетно инклузивно образование не значи само образовна асистенција и аистивна технологија. Тука се инклузивните тимови,  влегување во училницата со другите врсници. За разлика од лани, оваа година има над 200 повеќе образовни асистенти, од 500 - сега 720-730. Би требало да биде доволно за  држава голема колку нашата, рече Петрушев, кој очекува континуитет во  образованието на учениците со атипичен развој да биде обезбеден и со образовната асистенција во средните училишта. Според функционалните проценки што се прават, посочи тој, образовната асистенција е препорачана на околу 800 ученици со попреченост во основното образование, но има рационализација зашто во некои паралелки има по двајца ученици со попреченост. -За основно и средно не би биле повеќе од 850 кои имаат потреба. Тоа не е прецизен број зашто е потребна анализа која ќе ја направиме во наредниот период зашто сега сите деца поминуваат на функционална проценка и лесно е да се направи анализа. Сакам да нагласам дека образовната асистенција се доделува на учениците со попреченост, таа не е за сите ученици. Се сведува на тоа дека секое дете што има некаков проблем со учењето, се праќа на проценка за образовна асистенција. Таа е за оние ученици кои се соочуваат со некаква попреченост и во тој дел треба ни биде јасно. Затоа што во ниту една земја не може да има таков голем обем, за секое дете што има некаков проблем во учењето да се обезбедува образовен асистент. И нема потреба, истакна Петрушев. Кадар би требало да има доволно, смета тој, зашто образовен асистент не мора да бидат само специјални едукатори и рехабилитатори, туку и педагози, психолози и воспитувачи. -Би требало да има доволно, излегува кадар од Филозофскиот факултет од Скопје, од Педагошкиот факултет од Тетово, така што мислиме дека ќе имаме кадар – во некои градови има доволно, во некои во внатрешноста недостига кадар, но сметам дека во наредните години бројот ќе се избалансира и дека ќе има кадар во согласност со потребата, додаде претседателот на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори. Покрај Сојузот, организатори на конференцијата се и Филозофскиот факултет Скопје, Институт за специјална едукација и рехабилитација и Педагошкиот факултет Тетово, Студии за специјална едукација и рехабилитација. хс/са/

Остани поврзан