Комисијата за заразни болести во Грција предлага задолжително носење маска во затворен простор
- Одново да се воведе задолжителното носење маска во затворен простор, предложила Комисијата за заразни болести од Министерството за здравство на Грција, по зголемениот број позитивни случаи во

Атина, 15 јули 2020 (МИА) - Одново да се воведе задолжителното носење маска во затворен простор, предложила Комисијата за заразни болести од Министерството за здравство на Грција, по зголемениот број позитивни случаи во земјата и појавите на опуштеност кај граѓаните, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчката телевизија „ЕРТ“, епидемиолозите предложиле обврската за носење маска да се однесува на продавници, супермаркети и сл.
Препораката на епидемиолозите е до Владата која ги носи конечните одлуки, а минатата седмица беше укината мерката за носење маска во моловите и трговските центри.
Професорот микробиолог и член на експертската комисија Алкивиадис Ватопулос за онлајн изданието на весникот „Етнос“ вели дека „иако основната мерка е држењето растојание, сепак маската е основна алатка за заштита“.
-Затоа, ставот на комисијата, кој што е непроменет, е дека маската треба да се користи во затворени простори, но и во отворени доколку има гужва или предвидено е да има гужва, вели Ватопулос.
Професорот по здравствена политика на Факултетот за економија и политички науки од Лондон Илиас Мосиалос, кој воедно е и претставник на Грција за Ковид-19 на меѓународната сцена, преку неговиот официјален „Фејсбук“ профил се осврна на важноста на употребата на маска, коментирајќи дека користењето „не нè прави хипохондрици“, а како пример сподели истражување на американскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC), според кое во фризерски салон, двајца стилисти од заразени со Ковид-19 поминале најмалку 15 минути со секој од 139-те клиенти, а бидејќи сите носеле маски, никој не се заразил.
-Да внимаваме и да носиме маска во сите простори во кои имаме контакт со луѓе за кои не знаеме дали се заболени со Ковид-19. Маската не значи дека преувеличуваме, ниту нè прави хипохондрици. Маската нè штити нас и тие околу нас, напиша Мосиалос.
Во Грција, маската е задолжителна во јавниот превоз, авиони, бродови, траекти, возови, додека пак за затворените простори постои само препорака за носење.ср/сд/
