• петок, 08 ноември 2024

Комеморативна седница во Собранието по повод смртта на Стојан Андов

Комеморативна седница во Собранието по повод смртта на Стојан Андов

Скопје, 19 јуни 2024 (МИА) - Со едноминутно молчење во Собранието денеска му беше оддадена почит на првиот собраниски спикер Стојан Андов, кој почина вчера на 89-годишна возраст.

На денешната комеморативна седница во Собранието, претседателката Гордана Сиљановска Давкова нагласи дека замина првиот претседател на Собранието во демократска Македонија, еден стамен столпник на нашата современост кој што даде сериозен придонес во политичкиот, државниот и општествениот развој во последните три децении. 

-Првиот демократски избран македонски функционер по осамостојувањето, државник, политичар, економски експерт, дипломат од висок ранг, политиколог, новинар, публицист, писател кој што ја промислување македонската и меѓународната сцена, притоа што за мене е од особена важност, и за културниот идентитет за македонскиот народ, соживотот на сите македонски граѓани без разлика на нивната верска, идеолошка и национална припадност, соработката со соседите и светот врз односи на рамноправна основа, давајќи голем придонес на културата на сеќавањето како предуслов за подобро утре на сите. Не можам, а да не потсетам дека мирното раздружување од Југославија, меѓу останатото, им го должиме и на државниците како Глигоров, Петар Гошев, Стојан Андов, Абдурахман Алити и требаше да помине многу време за да ја видиме нивната вредност. Замина угледен сојузен функционер во поранешната заедничка држава, дипломат кому му се доверуваа најсуштествените задолженија на меѓународен план , кој што беше член на сојузните влади во два мандати, кој што го прекстари светот како задолжен за односи со земјите во развој и со Европската економска заедница, рече претседателката.

Стојан Андов, како што истакна Сиљановска Давкова, ќе биде запаметен по многу политички судири во Југославија, но најмногу оние врзани за стопанската реформа од 1965 година, бидејќи, посочи таа, општо познато е дека првиот претседател Глигоров и Андов биле за либерални реформи во економијата и културата.

Парадоксално е тоа што национализмот може да се потисне со европеизацијата на Балканот, а истиот национализам е овој Бугарскиот што го запира целиот тек поради амбицијата кон Македонија, вели

Андов е роден во 1935 година во Кавадарци, Република Македонија. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Белградскиот универзитет.

На првите повеќепартиски избори 1990 година, беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и стана претседател на Собранието во јануари 1991 година. На вторите повеќепартиски избори 1994 година, повторно беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и за претседател на Собранието - должност што ја извршуваше до март 1996 година.

Беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и на изборите во 1998 година.

Беше кандидат за претседател на Република Македонија на претседателските избори 1999 година. На 30 ноември 2000 година повторно беше избран за претседател на Собранието на Република Македонија, функција што ја извршуваше до октомври 2002.

Основач е на Либералната партија на Македонија и како нејзин претседател ја водеше Либералната партија до спојувањето со поранешната ДП 1997 година, кога стана претседател на Советот на новоформираниот политички субјект. По обновувањето на Либералната партија на Македонија, беше избран за член на нејзиниот Извршен комитет. фф/аа/

Фото: Кабинет на претседател/принтскрин    

Остани поврзан