• сабота, 22 февруари 2025

Комбос: Кипар подготвен да помогне во позитивната перспектива на Сирија

Комбос: Кипар подготвен да помогне во позитивната перспектива на Сирија

Никозија, 21 февруари 2025 (МИА) – Целта на посетата беше да ја изразиме волјата на Република Кипар да придонесе за позитивна агенда, позитивна перспектива за Сирија по падот на режимот на Асад како на билатерално ниво, така и на ниво на ЕУ, рече шефот на кипарската дипломатија Константинос Комбос по еднодневната посета на Дамаск и средбите со преодниот лидер на Сирија Ахмед Ал Шара и министерот за надворешни работи Асад Хасан ал Шабани, јави дописничката на МИА од Атина.

Комбос посочи дека односите меѓу двете земји се длабоки и историски, а целта на Кипар е да види како може да помогнеме во „транзицијата на Сирија кон меѓународната заедница, како полноправна членка“, но додаде дека „предуслов за тоа е да постојат основните принципи на добрососедство, почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на државите“.

- Резултатите се позитивни, охрабрувачки, но тоа е прв чекор по кој ќе се обидеме да продолжиме кон целта што ја споменав, посочи Комбос.

Дополнително истакна дека Сирија е соседна земја и дека нејзината безбедност, стабилност и напредок се нешто што влијае и ја засега Република Кипар и затоа ќе направат се што можат за да помогнат во напорите, „секогаш во рамките на реципроцитетот, заедничките интереси и заедничката грижа за безбедноста и стабилноста на регионот“.

Од Министерството за надворешни работи на Кипар соопштија дека разговорите на Комбос со преодниот лидер и министерот за надворешни работи биле особено значајни во пресрет на планираната дискусија на Советот за надворешни работи во Брисел следната недела, каде ќе се разгледува ситуацијата во Сирија, како и следните чекори.

По посетата на Дамаск, шефот на кипарската дипломатија оствари телефонски разговор со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис, а разговарале за актуелните регионални случувања и прашањата од заемен интерес. ср/ссм/

Остани поврзан