• вторник, 24 декември 2024

Колумна на фон дер Лајен и Схинас за АНА-МПА: Европа обединета против вирусот

Колумна на фон дер Лајен и Схинас за АНА-МПА: Европа обединета против вирусот
Атина, 5 февруари 2021 (МИА) – ЕУ обезбеди вкупно 2,3 милијарди дози од вакцините за нејзините граѓани и за нејзините соседни земји. Ова беше правилниот пристап: да останеме обединети во нашата борба против вирусот и да работиме сите заедно, на европско ниво, за справување со вирусот што не познава граници, пишуваат претседателката и потпретседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и Маргаритис Схинас во нивната колумна за грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина. Фон дер Лајен и Схинас, истакнуваат дека од самиот почеток намерата била да има еднаков пристап до вакцините за сите земји- членки на Унијата, а преку заедничка соработка на европско ниво била донесена одлука и одбрани шест конкретни вакцини. Објаснуваат дека пет седмици по почетокот на вакцинацијата, компаниите доставиле околу 20 милиони дози од вакцините, а во Грција над 338.000 граѓани се вакцинирани. Според претседателката и потпретседателот на Европската комисија, земјите од ЕУ во февруари ќе добијат околу 33 милиони дози, 55 милиони во март, а според процените, во вториот квартал од 2021 година се очекува да бидат испорачани уште 300 милиони дози, односно вкупно 400 милиони до јуни. -Нашата одговорност не е ограничена на границите на Европа. Нема да заврши кога ќе се вакцинираат повеќето возрасни Европејци. Затоа, од првиот ден упативме повик за глобален одговор на пандемијата. Комисијата организираше две донаторски конференции, на кои беа собрани 16 милијарди евра. Помогнавме да се создаде Ковакс механизмот за да гарантираме дека земјите со високи приходи ќе инвестираат во снабдување со вакцини на земји со ниски и средни примања. Заедно со нашите земји-членки, како „Група Европа“, ние сме еден од најголемите спонзори на Ковакс механизмот, со 870 милиони евра, пишуваат претседателката и потпретседателот на ЕК. Додаваат дека пандемијата претставува тежок момент за Европа и светот, но потребно е „да останеме обединети против нашиот единствениот и заедничкиот непријател - вирусот“. Се осврнуваат и на мутациите на коронавирусот, изразуваат загриженост, и покрај уверувањата од експертите дека вакцините, барем засега, се ефикасни и за новите видови. Но, истакнуваат дека сакаат да бидат подготвени и за „сценариото во кое сегашните вакцини не се справуваат ефикасно со вирусот“. -Затоа, пред неколку дена, на состанок со лидерите на компаниите за вакцини и научниците, се согласивме тесно да ги следиме разврските со вирусот, за да обезбедиме овие податоци да бидат доставени до компаниите и Европската агенција за лекови, пишуваат Фон дер Лајен и Схинас во колумната за АНА-МПА. ср/ Фото: АНА-МПА

Остани поврзан