• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски: СДСМ учи од грешките, но давањето поддршка на ВМРО-ДПМНЕ значи враќање кон минатото

Ковачевски: СДСМ учи од грешките, но давањето поддршка на ВМРО-ДПМНЕ значи враќање кон минатото

Кочани, 3 мај 2024 (МИА) – СДСМ ја прифати казната од граѓаните на првиот круг од претседателските избори и знае да учи од своите грешки и нема да ги повтори, но давањето поддршка за ВМРО-ДПМНЕ на претстојните избори ќе значи враќање во минатото и запирање на иднината на државата, нагласи вечерва претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на предизборниот митинг на Коалицијата за европска иднина во Кочани.

-Знам дека таа казна на 24 април ни беше испорачана нам, а не на идејата за европска Македонија. Тоа што нема да го прифатам се критиките од ВМРО-ДПМНЕ и од Христијан Мицкоски, ученикот на Никола Груевски, и на неговата кандидатка за претседател Силјановска кои се обидуваат повторно да ја саботираат иднината на државата. Тоа значи дека ништо во ВМРО се нема променето во изминатиот период, ниту пак научиле од своите грешки. Тоа е она исто ВМРО што изгради бел дворец во центарот на Скопје и оттаму владееја како кралеви, без чувство за одговорност пред било кого, освен пред самите себе. Ако десничарска партија како ВМРО-ДПМНЕ добие преголема моќ тоа ќе значи крај на нашите европски перспективи, бидејќи тие ќе ја одложуваат евроинтеграцијата во недоглед, затоа што немаат ниту план, ниту пак се доследни во остварувањето на стратешките цели на државата, ни треба европска иднина, а не враќање 20 години во закопаното минато, истакна Ковачевски.

Во обраќањето пред присутните тој упати критики кон довчерашните партиски членови кои формирале своја партија за да му наштетат на СДСМ.

- Ги видовме и оние лажните социјалдемократи кои направија своја партија, почнаа од Куманово и ја проширија во цела Македонија, но не за да шири идеологија, туку единствено за да даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ да направи поголема разлика во однос на СДСМ. Тој филм сме го гледале и во 1998 година со Демократска алтернатива и во 2006 година со Нова социјалдемократска партија и денес во 2024 година со партијата ЗНАМ. Нивниот претседател, наш довчерашен партиски член, кажа дека ќе гласал, ама немало да гласа за Стево Пендаровски и немало да го поништи ливчето, рече Ковачевски.

На митингот во Кочани зборуваше и носителката на листата во Третата изборна единица, Сања Лукаревска која ги повика граѓаните да излезат на избори на 8 мај и да го дадат гласот за европската иднина на државата.

- На 8 мај само вие, со моќта на вашиот глас одлучувате во каква држава ќе живееме сите, ве повикувам на масовен одзив на двојните избори, на активно учество во креирањето на сопствената иднина бидејќи во демократијата најчесто гласовите на оние кои не излегуваат на гласање го одредуваат победникот. На дофат ни е членството во Европската унија, не дозволувајте да не тргнат од тој пат, алтернативата на тој пат е погубна за Македонија. И сакале некои или не, СДСМ ќе биде запишан во историјата како организирана политичка сила која ја врати слободата и ја врати државата на вистинскиот пат и да не забораваме дека секогаш најтешките битки ги водел СДСМ, од осамостојувањето до денес, рече Лукаревска.  та/бак/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан