• понеделник, 16 декември 2024

Владата ќе издвојува финансиски средства за Неделата на детето

Владата ќе издвојува финансиски средства за Неделата на детето

Скопје, 3 октомври 2023 (МИА) - Владаtа на Република Северна Македонија донесе одлука за издвојување на финансиски средства за законски востановената Детска недела која се реализира со цел афирмација на правата и заштитата на децата, истакна претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на посетата на јавната установа „13 Ноември“, објект „Парк“, по повод Недела на детето.

По тој повод, како што истакна Ковачевски, секоја година, првата седмица од месец октомври им се посветува на децата.

- Но, не само оваа недела. Секој ден и секоја недела во годината треба да се водиме од принципите за заштита на правата и интересите на децата, како што е предвидено и со Законот за заштита на децата, Конвенцијата за правата на детето на Обединетите Нации, како и целокупната домашна и меѓународна регулатива која се однесува на нивните права, нагласи тој.

Ковачевски истакна дека за време на Детската недела, која трае од втори до деветти октомври, предвидено е да се издвојуваат средства од билети за театар, кино, уметнички изложби и културни манифестации, од продажба на поштенски марки во внатрешниот сообраќај, од билети за спортски натпревари и од други спортски приредби, од секој продаден возен билет во железничкиот и автобускиот сообраќај, меѓународниот, меѓуградскиот сообраќај и во авионскиот сообраќај, како и од секој продаден облик на електронски музички и видео запис, видеокасета и друго за да се наменат за активности посветени на децата.

- Тука сме заедно со децата за да го подигнеме нивото за свесност за нивните права и за тоа колку е важно да создадеме поволна клима каде што тие ќе можат да се развиваат во самостојни и силни личности и утре ќе бидат столбот на нашата држава. Затоа радува фактот што децата во оваа градинка ќе учат во нови, реновирани услови. Ќе пишуваат и цртаат на нови масички и ќе си играат со нови играчки и едукативен материјал, посочи тој.

Тој се осврна и на вложувањето во детската заштита на Владата, при што истакна дека од 2017 година досега, преку Министерството за труд и социјална политика, со буџетски средства се изградени и реконструирани вкупно 81 објект на детски градинки и 12 центри за ран детски развој.

 - Преку Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје за 2023 година, секое дете во секоја градинка низ државата еднаш неделно добива по еден килограм свежо овошје. Не ги забораваме и оние кои ги чуваат и воспитуваат нашите деца. Обезбедивме континуиран раст на платите на воспитувачките, чии примања од 2017 година до денес се зголемени за 81 отсто, додека за негувателките зголемувањето е 89 отсто. А за над 100 отсто се покачени примањата на помошно техничкиот персонал во градинките, за истиот период, додаде тој.

Ковачевски информираше и дека со новиот Општ колективен договор, со септемвриската плата секој вработен во јавен сектор добива 10 отсто покачување, а до крајот на годината ќе добијат и 10.000 денари К-15.

- Од 2024 година, К-15 ќе изнесува 30 отсто од просечната плата, потенцираше тој.

Во посета на градинката, покрај Ковачевски беа и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Тренчевска на настанот истакна дека добрите услови за престој во градинката не само што се прифатени од децата туку и од родителите, а за тоа доказ е бројката на запишани деца во оваа предучилишна институција. Таа исто така рече дека за поздрав е тоа што во Општина Центар нема листа на чекање за упис на нови деца и тоа треба да биде така во сите општини.

- Грижата за децата и вложувањето во детската заштита и раниот детски развој се наш приоритет. Секој влог во најмладите е влог во иднината на државата. Навистина ми е мило што денес токму во духот на детската недела имавме прилика да се увериме во одличните услови во кои престојуваат децата во објектот „Парк“ во Општина Центар. Ова е пример за вистинска грижа за децата во предучилишното образование, изјави таа.

Градоначалникот на Општина Центар истакна дека инвестирањето во квалитетното целокупно образование не зависи само од квалитетниот кадар туку, како што рече, и во какви услови престојуваат децата.

 - Со оваа инвестиција градинката доби комплетно нови занимални, најпрво беше иструган и излакиран паркетот во целата градинка, потоа целата градинка беше молерисана по што сите занимални добија нов детски мебел, детски шкафчиња, масички со столчиња како и нови играчки и дидактички материјал за најмалите. Верувам дека новите услови за престој ќе ги израдуваат дечињата, а новите играчки и книгички и сликовници ќе ги поттикнат да бидат креативни во новите игри развивајќи ја фината моторика, говорот и дружбата, порача тој. сан/нд/

Фото: МИА /Општина Центар / Влада

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан