• вторник, 24 декември 2024

Премиерот Ковачевски би го поддржал Меџити за укинување на организациските директори

Премиерот Ковачевски би го поддржал Меџити за укинување на организациските директори

Скопје, 27 мај 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека би го поддржал на владина седница предлогот на министерот за здравство Фатмир Меџити за укинување на економските директори.

- Апсолутно. Јас сметам дека е неиздржано на еден километар квадратен да има 60 директори, 60 заменици директори и 60 управни одбори. Тоа никаде во светот го нема, нагласи Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.

Министерот за здравство Фатмир Меџити деновиве изјави дека очекува од јануари наредната година да функционира еден клинички центар, најверојатно со еден генерален директор, со што би се укинале организациските, или познати и како економски директори на одделните клиники.

- Од првиот ден работам напорно за овој проблем и тој проблем ми е најгорливата мака што сакам да го решам како кабинет, како Министерство да го решиме, еднаш засекогаш да се постават работите како што треба на Клинички и да функционира многу полесно, поадекватно и поефективно да биде. Информацијата е готова, во договор со ФЗОМ, значи почетокот на годината после новата годна и сите пресметки се прават, тогаш и најверојатно се очекува, значи од 1 јануари 2024 да почне да функционира еден клинички центар со генерален директор или како ќе бидат модалитетите за тоа ќе се договориме, одговори министерот на новинарско прашање, по презентацијата на апликацијата „Мое здравје“.

Тој истакна дека целта е пациентите да добиваат подобра здравствена услуга, а и здравствените работници да функционираат полесно.

На новинарско прашање дали тоа значи дека ќе се укинат организациските, или познати и како економски директори, Меџити одговори потврдно. бд/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан