Кипарското прашање, Украина и Блискиот Исток во фокусот на средбата Гутереш – Герапетритис во Њујорк
- Кипарското прашање, случувањата во Украина и на Блискиот Исток, како и грчкото претседателство со Советот за безбедност на ОН, биле темите за кои разговарале министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш на нивната средба во Њујорк, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 26 февруари 2025 (МИА) – Кипарското прашање, случувањата во Украина и на Блискиот Исток, како и грчкото претседателство со Советот за безбедност на ОН, биле темите за кои разговарале министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш на нивната средба во Њујорк, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија беше во дводневна посета на Њујорк и учествуваше на состаноците на Советот за безбедност на ОН за Украина и за Блискиот Исток, со оглед на тоа што Грција е избрана за непостојана членка, за што Герапетритис рече дека ова прво присуство во СБ е „важен момент за Грција, во една исклучително тешка и сложена ера за целото човештво“, а се сретна и со генералниот секретар на ОН.
- Имавме многу широка дискусија, која меѓу другото го опфати и кипарското прашање и претстојната проширена средба што ќе ја имаме во блиска иднина. Разговаравме за прашања поврзани со организациските и структурните аспекти на Обединетите нации, особено во пресрет на грчкото претседателство со Советот за безбедност во мај, со серија настани што ќе ги организира грчкото претседателство. И секако големите случувања во светот, во Украина и на Блискиот Исток, но и во сите делови на светот, каде што има вооружени конфликти и големи кризи за кои Обединетите нации се способни да обезбедат суштински услуги, рече Герапетритис во изјава за државната телевизија ЕРТ и за грчките новинари во Њујорк.
За Украина посочи дека и на Генералното собрание и во Советот за безбедност, „Грција ја задржа принципиелната позиција“, дека бара решение кое е компатибилно со меѓународното право и го почитува територијалниот интегритет на Украина и затоа грчкиот став, „заедно со останатите Европејци, беше во оваа насока“.
Во однос на случувањата на Блискиот Исток нагласи дека потребни е почитување на договорот за прекин на огнот со премин во втората фаза за ослободување на сите заложници за да може да се стигне до моментот за обнова на Газа, враќање на луѓето во своите домови, како и политичко решение со создавање на палестинска држава.
-Грција се наоѓа во фокусот на меѓународната мултилатералност, меѓународната дипломатија со силен отпечаток и пред сè со принципи. Грција е земја која го поддржува меѓународното право, земја која разговара со сите и е мост помеѓу Истокот и Западот, Северот и Југот. И ќе останеме во првите редови на меѓународните настани за да ги нудиме нашите услуги, но и да го зајакнеме отпечатокот на нашата земја, порача шефот на грчката дипломатија. ср/
Фото: МНР на Грција