• недела, 01 февруари 2026

Кипарското прашање во фокусот на средбата Гутереш – Герапетритис во Њујорк

Кипарското прашање во фокусот на средбата Гутереш – Герапетритис во Њујорк

Атина, 29 јануари 2026 (МИА) – Сметаме дека е важно да постои суштински напредок во кипарското прашање. Ова не е само национално прашање. Станува збор и за фактот дека, во време на големи превирања на глобалната сцена, исклучително е важно едно прашање, кое го повредува меѓународниот легитимитет да може да се реши, во корист на Кипар, но и на меѓународната безбедност, посочи министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис по средбата со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во Њујорк, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изјава за државната телевизија ЕРТ веднаш по средбата, шефот на грчката дипломатија нагласи дека е важен фактот што „генералниот секретар на ОН многу високо на неговата агенда го има кипарското прашање“.

- Како што знаете, личната пратеничка на генералниот секретар овие денови е на Кипар, каде што имаше и билатерални разговори и разговори со двајцата лидери за кипарското прашање. Перспективата е дека кога условите ќе созреат и кога ќе постои одреден опиплив напредок по прашањата што ги имаме денес и се поврзани со мерките за градење доверба, тогаш ќе има нова средба во проширен формат, рече Герапетритис.

Дополнително, на средбата со Гутереш разговарале и за други регионални и меѓународни прашања, како што се ситуацијата во Либија и Сирија, посочи дека заеднички ги констатирале „жариштата кои постојат и претставуваат сериозни проблеми за глобалната стабилност, особено настаните на Блискиот Исток, во Украина, како и во Потсахарска Африка, која во моментов се наоѓа во состојба на повеќекратни вооружени конфликти“.

Додаде дека е неопходно да се формира глобален сојуз под покровителство на ОН со цел да се контролираат овие вооружени судири и да се спречи тие да се претворат во минско поле за меѓународната безбедност.

- Со Генералниот секретар разговаравме и за прашања поврзани со меѓународната безбедносна архитектура. Инсистирав на фактот дека позицијата на Грција е дека меѓународните организации, а особено ОН, треба да останат во првите редови на напорите за владеење на правото и за поредок на глобалната сцена. Патот што го следиме, патот на меѓународното право и меѓународната мултилатералност, треба да остане силен. Обединетите нации низ времето беа бастион за средните и малите држави и треба да останат бидат такви. Тие се надежта за постигнување траен светски мир и просперитет, нагласи министерот за надворешни работи на Грција. ср/јт/

Фото: Министерство за надворешни работи на Грција.

Остани поврзан