• четврток, 26 декември 2024

Кај месноста Скоко во делчевското село Габрово „три води“ непрекинато течат и лете и зиме

Кај месноста Скоко во делчевското село Габрово „три води“ непрекинато течат и лете и зиме
Делчево, 14 мај 2022 (МИА) - Во близина на делчевското село Габрово, веднаш над самото село од десната страна спроти блиската река се наоѓа локалитет, кој мештаните го нарекуваат Скоко. Карактеристично за местото е што во неговото подножје се наоѓаат високи карпи, кои од блиските дрвја не се забележуваат, но она што се забележува се капките вода под карпите, кои, како што велат жителите, непрекинато течат и лете и зиме.   Старите одамна знаеле за оваа вода и според нивните предавања таа била лековита и често се користела за замивање од „очобол", но и се пиела за здравје. - Водата извира од две места, една од под големата карпа во близина, другата од под местото каде што е иконата што ја гледате и десно од уште едно место. Овде и лете и зиме водата капе, капка по капка, но не престанува. Местото како што може да видите наликува на пештера. Од легендите сите имаме слушнато дека поради тоа што Исус Христос е роден во пештера најчистите води ги има токму на такви места, вели габровецот Горан Анакиевски. Од пред три години тој заедно со група граѓани започнале активности за градење на водата, а бидејќи водата се спуштала од три места, неговата цел била да се насочи кон еден извор од каде ќе можат да си наполнат гостите намерници. - Размислувавме што да правиме и затоа почнавме да ја градиме водата. Претходно се има сонувано на луѓе од Германија кои потекнуваат оттука да учествуваат да се направи и така започнавме да градиме. Со доста донации од странство и фирми од Делчево во близина успеавме да направиме една настрешница за луѓето да се заштитат, додаде Анакиевски. За габровецот ова место крие голема историја. Над самиот локалитет се наоѓа месноста Панови Трли, кое изобилува со долови и ливади, а одозгора се наоѓа таканареченото Градиште, кое датира од римско време. - На прв поглед местото изгледа празно, но вршени се ископувања од диви копачи и најдени се голем број предмети, кои ние овде ги викаме врчви, во кои луѓето во тоа време криеле храна да се прехранат. На врвот на градиштето има гробница, која датира од римско време, а местото било идеално луѓето да се бранат од напади. Такво е местото скаловито и затоа оттаму се бранеле. Местото треба да се истражи подетално од археолози. Инаку, како што ни кажувале нашите постари, оттука поминувал Евлија Челебија, турскиот патописец, во времето кога Габрово се викало Бурово со тогашни 40 жители претежно Турци и Македонци, раскажува Анакиевски. На Ѓурѓовден на ова место од пред три години по иницијатива на нашиот соговорник се служи ручек, додека секоја година се пријавуваат кумови кои учествуваат во неговата подготовка. За годинешниот празник еден од готвачите ни откри дека се служела посна трпеза. - Ова полека прераснува во традиција. Има голема историја за самото место. Водата е „за очи“ доаѓаат луѓе. Јас годинава сум задолжен за храната, која е донација од вкупно пет кума. Добро е што годинава има повеќе луѓе, а другата година очекуваме повеќе, вели габровскиот готвач. На самата прослава беше присутна и иселеничката Зора Димитровска, која претходно во неколку наврати со црковниот одбор организираше хуманитарни акции за доизградба на храмот „Св. Димитрија“ во селото Габрово. Очекува и ова место да прерасне во катче каде мештаните ќе се дружат за Ѓурѓовден и во наредните години. - Еве како што претходно најавија организаторите, на 6 мај се слави овде, се собравме заеднички има доста луѓе со кои трет пат се собираме за Ѓурѓовден. Поздрав до сите иселеници од странство, големо фала на поканата за организаторот Горан, главниот кој го средува местото, плановите понатаму се патот да се направи, да се направи објект, но полека, полека мислам ќе се успее, кажа Димитровска. Иницијаторот апелираше младите да земат поактивно учество во доизградбата и секаде каде ќе се наиде на ваква вода да се чува, бидејќи некогаш е доволно човек само вода да се напие, но она што е уште поважно е што водата е вистински благодат од Бог. Валери Спасевски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан