• понеделник, 23 декември 2024

Каселакис презентираше план на СИРИЗА за цивилната заштита

Каселакис презентираше план на СИРИЗА за цивилната заштита

Атина, 22 август 2024 (МИА) – Покривање на 3.500 слободни места во противпожарната служба со приоритет на сезонските пожарникари; формирање Независна национална управа за цивилна заштита за да се избегне партизација; набавка на нови подобри противпожарни возила; создавање на посебен сектор на шумски пожарникари; формирање Комитет за обнова, предвидува, меѓу другото планот на грчката опозициска партија СИРИЗА што денеска го презентираше лидерот Стефанос Каселакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Во видеото објавено на социјалните мрежи лидерот на СИРИЗА истакна дека станува збор за план за цивилната заштита и она што тие ќе го направат кога ќе дојдат на власт и како што рече, се обврзува дека „во следната Влада на СИРИЗА грчката држава конечно ќе биде на страната на своите граѓани“.

Презентирајќи ги заложбите, рече дека пред сè ќе го сторат она што многупати им го кажале пожарникарите што се терен, ќе ги опремат со повеќе, нови и подобри противпожарни возила, бидејќи „не може да се борат на првата линија со возила стари 40 години“, а заедно со опремата, ќе вработат дополнителни пожарникари, објаснувајќи дека постојат 3.500 слободни места.

- Дел се покрива со сезонски пожарникари, кои имаат статус на трудова експлоатација. Затоа веднаш, целосно и трајно ќе ги вработиме во службата, со приоритет секако на сезонските пожарникари, а овие луѓе кои ни ги штитат животите ќе имаат пристојни плати. Не може да работат две-три работи за да преживеат, а потоа исцрпени да одат на терен. Тоа е и нефер и контрапродуктивно, истакна Каселакис

Дополнително посочи дека „без возила и пожарникари никогаш нема да ги локализираме пожарите“, додавајќи дека веројатно е политички избор зошто актуелниот грчки премиер досега не го сторил тоа.

- Наместо да испраќаме тенкови во Украина, ќе користиме и постари и повлечени и демилитаризирани возила на вооружените сили, кои се борбено подготвени за справување со природни катастрофи. Во иста насока, ќе продолжиме со итна нарачка на нови противпожарни возила Леопард, кои беа произведени со голем успех од грчката Напредна базна фабрика. Истовремено, ќе се проучува и пренамена на други постари тенкови како противпожарни возила, рече Каселакис.

Дел од планот на СИРИЗА е и формирање Независна национална управа за цивилна заштита со правна, финансиска и административна автономија, за што објасни дека во септември ќе достават предлог-закон до Парламентот, а целта ќе биде да се избегне партизацијата во цивилната заштита, додека пак началникот и замениците ќе бидат избрани по сослушување на надлежната парламентарна комисија и со согласност на независен комитет на експерти.

Паралелно ќе се формира и Комитет за обнова за погодените подрачја. ср/ми/

Остани поврзан