• сабота, 20 јули 2024

Капитенот на Србија се пензионираше по одиграни рекордни 111 натпревари

Капитенот на Србија се пензионираше по одиграни рекордни 111 натпревари

Белград, 18 јули 2024 (МИА) - Капитенот на Србија, Душан Тадиќ, објави дека се повлекува од националниот тим, со што стави крај на неговиот 16-годишен ангажман во репрезентацијата. Тој е фудбалер со најмногу натпревари за тимот - 111, а беше капитен на селекцијата на Светското првенство во 2022 година и на Европското првенство годинава. Репрезентативната кариера ја заврши со 23 гола и 40 асистенции.

И покрај тоа што беше именуван за капитен, Тадиќ остана на клупата на Србите за отворањето на ЕП 2024 против Англија, што доведе до кавга меѓу него и селекторот Драган Стојковиќ. 35-годишниот напаѓач подоцна им се извини на тренерот и соиграчите.

-Останувам на зборовите што ги кажав. Не го направив тоа за да ги навредам моите соиграчи или другите луѓе од нашата делегација во Германија. Меѓутоа, денес го објавувам крајот на мојата меѓународна кариера. Се збогувам со дресот на српската репрезентација. Имав привилегија да играм за мојата земја на две светски првенства, едно Европско и Олимписки игри. Сакам по завршувањето на кариерата да останам во фудбалот, а ништо не е подобро од тоа да и помогнам на својата земја. Со семејството и пријателите, на трибините или пред екранот, секогаш ќе бидам верен навивач на Србија, сподели Тадиќ. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан