• сабота, 06 декември 2025

Калас: Мора да извршиме притисок врз Израел да ја деблокира помошта за Газа 

Калас: Мора да извршиме притисок врз Израел да ја деблокира помошта за Газа 

Брисел, 2 јуни 2025 (МИА) - Европската Унија останува цврсто на определбата за деблокирање на хуманитарната помош за Газа која стои блокирана на границите на Појасот, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас на заедничката прес-конференција со шефот на филипинската дипломатија Енрике Манало во Манила. 

- Во контакт сме со нашите колеги во Израел за да ја деблокираме (помошта) и да им помогнеме на луѓето, бидејќи таа е финансирана претежно од Европската Унија. Загубата на животи е неподнослива. Страдањето на луѓето мора да заврши и треба да направиме се што е во наша моќ и да извршиме притисок, истакна Калас. 

Таа додаде дека на европско ниво постои согласност за многу принципи поврзани со конфликтот на Блискиот Исток, вклучувајќи ја и поддршката за решението за две држави, крај на непријателствата, итен прекин на огнот и ослободување на заложниците.  

- Се обидуваме да ги поттикнеме страните да го постигнат тој договор, нагласи Калас. 

Говорејќи за односите меѓу ЕУ и Филипините, Калас нагласи да тие се на „позитивна траекторија“ и од денеска се подигнати на ново ниво. 

- Споделуваме посветеност на почитување на меѓународниот поредок заснован на правила, на промовирање на мирот и стабилноста и на заедничко справување со заедничките предизвици. Тие ги вклучуваат случувања во Јужното Кинеско Море и илегалната агресивна војна на Русија во Украина, потенцира Калас. сп/ 

Фото: ЕНР

Остани поврзан