• среда, 25 декември 2024

Кабинет на претседателот: Се реализира заложбата на претседателот за исклучување на аболицијата од правниот систем

Кабинет на претседателот: Се реализира заложбата на претседателот за исклучување на аболицијата од правниот систем

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) - Во Предлог-законот за помилување се исклучува можноста претседателот на државата да може да помилува лица за кои во тек е истражна или судска постапка.

- Во однос на предлог Законот за помилување, во чија изработка беше вклучен и претставникот на претседателот, конечно е вклучена заложбата на претседателот Пендаровски за исклучување на аболицијата во нашиот правен систем, односно да се оневозможи правото на шефот на државата да помилува лица за кои е во тек истражна или судска постапка, а нема правосилна пресуда, велат од Кабинетот на претседателот на државата.

На овој начин, како што се посочува, ќе се овозможи кривичните судови да ја остварат во целост својата основна функција, а таа е во соодветна постапка да ја утврдат вината на обвинетите и да ги осудат виновните сторители на кривични дела.

Министерството за правда денеска соопшти дека Предлог-законот за помилување е доставен во владина процедура. Оттаму меѓу клучните новини го посочија прашањето за правото на претседателот да помилува лица од казна и од кривично гонење. Ова, како што се наведува, беше едно од најекспонираните прашања за што работната група застана зад решението согласно кое претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан