• понеделник, 23 декември 2024

Кабинет на Пендаровски: Ни една постапка на претседателот ни досега, ниту отсега ќе биде во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка

Кабинет на Пендаровски: Ни една постапка на претседателот ни досега, ниту отсега ќе биде во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка
Скопје, 29 јануари 2022 (МИА) - Ставот на претседателот Стево Пендаровски е дека ниту една негова постапка, ниту досега била, ниту отсега ќе биде во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година, вклучувајќи ја и средбата со здруженија на граѓани од Република Бугарија, велат од Кабинетот на претседателот во коментар за соопштението од Министерството за надворешни работи на Република Бугарија. -Претседателот Пендаровски смета дека секоја институција во двете држави треба да даде свој придонес во надминувањето на отворените прашања и во таа насока е посветен за зајакнување на дијалогот и целосна имплементација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка, нагласуваат од Кабинетот на Пендаровски. Бугарското МНР во сопштение, објавено на на неговата веб-страница, изрази загриженост „за последните случувања во Република Северна Македонија, поврзани со постапки на функционери кои изнесуваат негативни ставови во јавноста и кои се во спротивност со позитивната клима создадена од активните напори на владите на Бугарија и Северна Македонија“. – Неколку дена по успешната заедничка средба на владите на двете земји, повторно сме сведоци на зголемување на тензиите во јавноста предизвикани од конкретни постапки на претседателот на Северна Македонија, кој се обидува да ги обнови темите кои се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година. Ваквите дејствија не придонесуваат за изнаоѓање решенија за политички прашања во насока на забрзување на процесот на европска интеграција на Северна Македонија и на меѓусебна доверба, се вели во соопштението од бугарското МНР. Пендаровски вчера во неговиот кабинет прими претставници на ОМО „Илинден“ и претставници на неколку други здруженија на граѓани од Република Бугарија кои го информираа за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество. вј/рп/

Остани поврзан