И загадувањето влијае врз дебелината
- Се верува дека секоја година сѐ повеќе луѓе, па дури и деца, имаат проблеми со прекумерната тежина и спаѓаат во групата на дебели луѓе. Така, последниве десетлетија дебелината стана светски з
Лос Анџелес, 28 октомври 2022 (МИА) - Покрај лошата исхрана, недоволна физичка активност и „седечки“ начин на живот, постои уште еден фактор што предизвикува масовно зголемување на телесната тежина, а кој е потценет. Имено, забележан е уште еден фактор околу вишокот килограми, особено кај жените, а тоа е - загадувањето на воздухот.
Дебелината кај човекот е состојба што се одликува со вишок маснотии во телото, а се пресметува врз основа на возраста, полот и висината на едно лице. Се верува дека секоја година сѐ повеќе луѓе, па дури и деца, имаат проблеми со прекумерната тежина и спаѓаат во групата на дебели луѓе. Така, последниве десетлетија дебелината стана светски здравствен проблем во пораст, бидејќи сѐ повеќе луѓе јадат неправилно, живеат стресно и водат живот без многу движење, пишува „Стади фајндс“ (Study Finds). Универзитетот во Мичиген ги спроведе испитувањата врз повеќе од 1.650 жени на возраст меѓу 48 и 50 години, од различна расна и етничка припадност. Во период од 2000 до 2008 година е забележан просечен раст на телесната тежина од околу 4,5 отсто. Според стручното мислење, виновникот е токму загадувањето на воздухот, кое секоја година е сѐ посилно. - Жените во доцните 40-ти и раните 50-ти кои долгорочно биле изложени на загаден воздух, особено повисоки нивоа фини честички, азот-диоксид и озон, пројавиле зголемување на телесната тежина, објаснува професорот и еден од предводниците на истражувањето, Ксин Ванг. Светската здравствена организација (СЗО) на својата официјална страница наведува дека дури 90 отсто од светот живее во област со загаден воздух. Истражувањата посочуваат дека загадувањето на воздухот влијае на сите органи во телото, што го прави уште поопасно. Единствениот фактор што се чини релевантен за ефективно ублажување е редовната физичка активност, вели науката. си/сд/