• четврток, 07 ноември 2024

Итната помош и Дневниот центар во Македонска Каменица ќе добијат нови возила

Итната помош и Дневниот центар во Македонска Каменица ќе добијат нови возила

Македонска Каменица, 21 октомври 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски започна постапка за набавка на возила за потребите на Итната медицинска помош при Здравствената станица. Освен тоа, како што информираше Атанасовски, предвидена е и набавка на специјализираното возило за потребите на штитениците при Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица. 

-Проценета вредност на возилата, во двете одделни постапки, изнесува 5.700 000 денари. Возилото за потребите на ИМП изнесува 2 800 000 денари, а возилото за потребите на Дневниот центар е со проценета вредност од 2 900 000 денари со вклучен ДДВ, истакна Атанасовски.

Целта на набавката на овие возила кои во изминатиот период беа дел од барањата на граѓаните е подобрување на условите за работа во двете установи, како и за подигање на степенот на квалитет на своите услуги кон заедницата. 

-Со ова, јас како градоначалник и целокупно како локална самоуправа, ја потврдуваме нашата заложба за подобрување на условите за работа во здравствените и згрижувачките центри во нашата Општина, додаде Атанасовски. 

Во изминатиот период набавката на возилата беше честа тема на разговор на сегашниот и претходните состави на Советот на Општината. Очекувањата се по завршувањето на набавката, возилата да бидат ставени во функција на Итната медицинска помош и Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица.  вс/дма/

 


Фото: Општина Македонска Каменица

 

Остани поврзан