• среда, 08 јануари 2025

Итконен: ЕК е во контакт со сите страни засегнати од прекинот на транзит на руски гас преку Украина

Итконен: ЕК е во контакт со сите страни засегнати од прекинот на транзит на руски гас преку Украина

Брисел, 7 јануари 2025 (МИА) - Европската комисија одржува контакти на политичко и на техничко ниво со сите страни засегнати од истекот на Договорот за транзит на руски гас преку украинска територија, изјави денеска портпаролката на ЕК за клима, енергија, домување, животна средина и оданочување Ана-Кајза Итконен. 

- Европската комисија правеше и продолжува да прави се во врска со завршувањето на Договор за транзит и е во контакт со земјите членки кои се најпогодени од тоа, како и со Украина и секако Молдавија, изјави Итконен во одговор на прашање за потврда да информацијата од Братислава дека денеска требало да се одржи средба меѓу претставници на ЕУ, Словачка и Украина околу ова прашање, но дека таа е откажана откако украинската страна соопштила оти нема да присуствува на неа. 

Без да ја потврди или негираа оваа информација, Итконен само потсети дека минатата недела се одржал состанок на Координативната група околу надминување на проблемите предизвикани со прекинот на дистрибуцијата на гас преку територијата на Украина, додавајќи дека доколку има нови детали за ова прашање Еврокомисијата ќе ја информира јавноста преку вообичаените канали за комуникација. 

Итконен нагласи дека ЕУ нема проблеми во снабдувањето и обезбедувањето на гас, посочувајќи дека исполнетоста на резервите на енергенсот се на ниво од околу 70 отсто и тие се повисоки од просекот од пред почетокот на руската инвазија врз Украина. 

Според неа, ЕК продолжува да работи со земјите членки на ЕУ и државите во регионот не само околу снабдувањето со гас, тука и за други прашања поврзани со енергијата на глобално ниво, како и дека ќе претстави Патоказ за целосен прекин на увозот на фосилни горива од Русија. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан