• сабота, 23 ноември 2024

Италијанската влада критикувана за славењето на фашистичките борци во Ел Аламеин

Италијанската влада критикувана за славењето на фашистичките борци во Ел Аламеин

Рим, 24 октомври 2024 (МИА) - Десничарската влада на Италија денеска беше критикувана бидејќи Министерството за одбрана ја прославуваше битката од Втората светска војна во која беа поразени фашистичките сили на Бенито Мусолини.

Во средата, по повод годишнината од битката кај Ел Аламеин во Египет во 1942 година, Министерството за одбрана на социјалните мрежи објави дека конфликтот меѓу силите на Оската и сојузниците е „херојски и трагичен“, оддавајќи им почит на италијанските војници кои, како што беше наведено, ги „жртвуваа своите животи за нашата слобода“.

Во таа битка, италијанските фашистички и германските нацистички сили, предводени од германскиот генерал Ервин Ромел, се соочиле со британската армија и сојузниците предводени од генералот Бернард Монтгомери.

Паола Киеза, шефица на делегацијата на Браќа на Италија, партијата на премиерката Џорџа Мелони, во парламентарната комисија за одбрана, на Фејсбук напиша дека „срцето на нашата нација денес е во Ел Аламеин“.

Двете објави беа критикувани од опозициските политичари и членовите на научната заедница.

„Како Ел Аламеин може да се поврзе со 'борбата за нашата слобода' е несфатливо за мене“, вели Матија Гуиди, политиколог од Универзитетот во Сиена.

Претставниците на левичарското Движење пет ѕвезди, втората по големина опозициска партија, рекоа дека италијанските војници иако храбро се бореле, „непримерно“ е да им се оддаде почит како борци за слобода.

Тие беа „жртви на италијанскиот колонијалистички и фашистички режим“, се наведува во соопштението.

Браќа на Италија потекнуваат од Италијанското социјално движење (МСИ), основано во 1946 година како директен наследник на Црните кошули на Мусолини.

Како што пренесуваат агенциите, Мелони, откако ја презеде власта пред две години, мораше неколку пати да се брани од обвинувањата за носталгија за времињата на фашизмот меѓу членовите на нејзината партија.

Таа ги осуди сите форми на тоталитаризам и зборуваше против фашизмот, но, како што е наведено, избегнува да се дефинира себеси како „антифашист“. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан